Осумдесетте општини и Град Скопје во 2025 година склучиле вкупно 4.300 договори за јавни набавки во вредност од рекордни 21,9 милијарди денари, односно 356 милиони евра, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за договорите за јавни набавки на општините во 2025 година.
Вредноста на општинските тендери во изборната 2025 година се зголемила речиси двојно во однос на претходната година и изнесувала колку во претходните две години заедно, се вели во текстот.
Најголема вредност на јавните набавки за 2025 година има Општина Тетово – дури 22,5 милиони евра, а најмали јавни набавки од нецел половина милион евра има Старо Нагоричане.
Општините лани склучиле договори за јавни набавки со 1.185 фирми, но повеќе од една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми.
На врвот според вкупната вредност на склучените договори е Жикол од Струмица со вредност на договорите од милијарда денари, односно околу 16 милиони евра, се вели во истражувањето на ЦГК.


