Предлогот работниците да се плаќаат по работен час отвори спротивставени ставови кај синдикатите. Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) се согласува со работодавачите кои го предлагаат новиот модел и велат дека гледаат можност за промена на методологијата и раст на сите плати. Од друга страна, пак Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), пак, предупредува дека дискусијата го одвлекува вниманието од ниските примања и може да отвори простор за легализирање на злоупотребите.
Владата е отворена за разгледување на предлогот на Сојузот на стопански комори, но вели дека треба да се погледат подетално анализите за последиците врз работниците и економијата.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во изјава за Колегиум.мк оценува дека приоритет треба да биде зголемувањето на минималната и на останатите плати.
„Дискусијата за плаќање по работен час, наместо за зголемување на минималната плата и на останатите плати, е обид да се сее ветер и магла и да се дефокусира јавноста од реалниот проблем, а тоа се ниските работнички плати во Македонија“, вели Трендафилов.
Според него, новите модели за пресметка не се одговор на проблемите со кои се соочуваат работниците.
„Работниците не можат да живеат од пресметки, предлози и економски модели. Ним им требаат повисоки плати, а не нови дискусии со кои ќе се одолговлекува решавањето на најгорливиот проблем“, порачува претседателот на ССМ.
Трендафилов предупредува дека зад предлогот постои опасност, наместо да се обезбеди почитување на правата, да се отвори простор за легализирање на неплаќањето прекувремена работа, работа на празници и неправилното пресметување на додатоците на плата.
Тој посочува дека прекувремената работа и сега се пресметува по час и треба да биде платена со соодветен додаток.
„Прво не ги плаќаат сите одработени часови, а потоа предлагаат нови модели за пресметување на платите“, вели Трендафилов за работодавачите што не ги почитуваат законите и колективните договори.
Според него, непријавената и неплатената работа ги оштетува и работниците и државниот буџет. Затоа бара институциите да обезбедат секој одработен час да биде евидентиран и платен, а прекршувањата да бидат санкционирани.
КСС очекува раст на платите преку минимална саатнина
Поинаков став има Конфедерацијата на слободни синдикати. Нејзиниот претседател, Благоја Ралповски, на конференција за минималната плата изјави дека е време за промена на методологијата и утврдување минимална цена на работниот час. Како аргумент во своја полза го посочи различниот број работни денови во месеците.
„Ако земеме февруари со 20 и јули со 23, знаеме дека работниците работат три дена повеќе во јули“, рече Ралповски.
Според него, целта е промената да поттикне раст на сите плати, и во јавниот и во приватниот сектор.
„Нашата цел е со ваквото претворање на минималната плата во работен час, да почнат по вертикала да растат сите плати“, изјави претседателот на КСС.
Од Конфедерацијата засега нема конкретен одговор колкава треба да биде минималната саатнина. Според моменталната состојба, минималната нето-плата во Македонија моментално изнесува 26.046 денари, што, поделено со 168 работни часа месечно, изнесува околу 155 денари за час или 2,5 евра на час.
Разликите меѓу ССМ и КСС околу начинот на зголемување на платите се видливи и пред актуелната дебата за саатнината. ССМ годинава организираше протести со барање минималната плата да достигне 600 евра, а сите останати плати да се зголемат за најмалку по 6.000 денари. Синдикатот го оцени мартовското законско усогласување од по 1.667 денари како недоволно за покривање на растечките трошоци за живот.
КСС, пак, инсистира зголемувањето на минималната плата да биде проследено со соодветно процентуално зголемување на останатите плати, за да не се изедначуваат примањата на работните места со различна сложеност и одговорност. Благоја Ралповски претходно изјави дека ги поддржува барањата за повисоки плати, но го оспори пристапот останатите плати да се зголемат само за фиксен износ од околу 100 евра, барајќи нивниот раст да го следи растот на минималецот.
Врз чии плати ќе влијае евентуалната промена на моделот ?
Преминувањето на минимална саатнина би отворило прашање и за пресметката на останатите плати, особено во деловите од јавниот сектор каде минималната плата е составен дел од формулата. Најдиректно влијание ќе има врз работниците на минимална плата и врз вработените чија плата ја користи минималната како основица или составен дел. Но, ефектот ќе зависи од конкретните законски измени.
Најмногу ќе завиди од тоа дали минималната плата се користи како основица што се множи со коефициент или износ на кој се додаваат делови пресметани преку бодови. Затоа не може да се очекува ист ефект врз сите вработени. Во одделни законски решенија, минималната плата и бодовните делови се наведени како посебни компоненти на пресметката.
Ако минималната месечна плата се замени со цена на час, ќе треба да се утврди како таа ќе се претвора во месечна основица за овие пресметки.
Владата бара анализи, работодавачите очекуваат поедноставна пресметка
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, вели дека решението мора да се донесе преку конструктивен дијалог со сите социјални партнери.
„Сите решенија треба да бидат добро анализирани, да се види во новите методологии кои се позитивните, а кои се негативните страни“, рече Ристески.
Тој посочи дека плаќањето по час би барало измени во Законот за работните односи и промени во системот за пресметка на платите. Според него, треба да се испита дали моделот ќе донесе поголема продуктивност, но и повисоки примања и позадоволни работници.
Ристески го повтори владиниот став дека приоритет е растот на просечната плата да биде повисок од инфлацијата.
За Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, исплатата по час е прифатлива, но тоа не значи дека работодавачот ќе може самоволно да го одредува бројот на работни часови.
Според него, мора да постои утврден фонд часови на неделно или месечно ниво за работникот да ја добие целата плата. Тој очекува моделот да ја поедностави пресметката, а заработката да зависи од одработените часови.
Од Сојузот на стопански комори, од каде што потекна иницијативата, сметаат дека плаќањето по час ќе донесе пофлексибилно работно време, поголема продуктивност и заштеди за компаниите.
Од празниците до боледувањето, изминатиот месец работничките права се во фокусот
Дебатата за саатнината следува по иницијативата на Стопанската комора на Северна Македонија за промена на користењето на неработните денови. Таа предвидува празник што паѓа во недела да не се префрла како неработен ден во понеделник, а вработените да избираат два дополнителни празнични неработни дена покрај оние што важат за сите граѓани. ССМ се спротивстави, а премиерот Христијан Мицкоски порача дека стекнатите работнички права треба да се почитуваат.
Реакции предизвикаа и промените во правилата за боледување, со намалување од седум на пет дена на периодот во кој матичниот лекар може да одобри боледување без примена на дополнителните медицински критериуми. Од Фондот за здравствено осигурување објаснија дека тоа не значи дека боледувањето се ограничува на пет дена.
Во меѓувреме, со предлогот за плаќање по час останува отворено како ќе се гарантираат месечните примања и како ќе се спречат злоупотребите на кои предупредува ССМ.


