Обвинителката Искра Хаџи Василева победи на денешните непосредни избори за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Таа освоила најмногу гласови во конкуренција на обвинителите Трајче Пеливанов, Фатон Азизи, Јован Цветановски и Лидија Раичевиќ.
Хaџи Василева е јавна обвинителка со 11-годишно искуство и е од петтата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители. Во октомври 2024 година беше избрана за обвинителка во ОЈО ГОКК.
Од последните големи случаи кои го привлекоа јавниот интерес, Хаџи Василева го застапува обвинението против судијата Ѓоко Ристов, кому истражителите му пронајдоа 350 илјади евра закопани во кујнскиот ѕид во домот на неговите родители.
Финансиски истраги, конфискација на незаконски стекнатиот имот и враќање на довербата во правдата се меѓу приоритетите што Хаџи Василева ги најави во својата програма. Таа доаѓа на местото на Ислам Абази, чиј мандат завршува на 15 ноември.
Обвинителката Искра Хаџи Василева победи на непосредните избори за нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Таа ја доби довербата на колегите на тајно гласање, во конкуренција со уште четворица кандидати.
Право на глас имаа 187 јавни обвинители од целата држава, а гласањето се одвиваше од 8 до 16 часот. Конечните резултати и излезноста треба да бидат официјално соопштени на јавна седница.
Хаџи Василева ќе го наследи Ислам Абази, кој беше избран во 2022 година и не се кандидираше за нов мандат. По Вилма Русковска, таа ќе биде втората жена на чело на ова обвинителство, надлежно за гонење организиран криминал и корупција на територијата на целата држава.
Во изборната трка учествуваа и нејзиниот колега од Обвинителството за организиран криминал, Фатон Азизи, обвинителите од Вишото јавно обвинителство Скопје, Трајче Пеливанов и Јован Цветановски, како и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.
Од корупциски предмети до раководење со Обвинителството
Хаџи Василева е во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција од 2024 година. Таа постапува и во корупцискиот предмет против поранешниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, поврзан со сомневања за мито од 50.000 евра во гаража во комплексот „Џевахир“ во Скопје. При претставувањето на својата програма пред Советот на јавните обвинители, Хаџи Василева порача дека фокусот на институцијата мора да биде врз криминалот и корупцијата што го загрозуваат поширокиот јавен интерес.
„Фокусот на ова обвинителство мора да биде насочен кон борбата против корупцијата и организираниот криминал, кои го зафаќаат поширокиот јавен интерес, го нарушуваат мирот на граѓаните и го оневозможуваат прогресот“, рече таа.
Меѓу нејзините приоритети се поефикасно и поажурно постапување по предметите, поголема активност во финансиските истраги и конфискацијата на имот, како и целосно искористување на истражниот центар. Најави и зајакнување на кадарот, дигитализација и поголема транспарентност. Во еден од јавните настапи изјави дека чувствува одговорност нејзината генерација да направи повеќе за да се врати довербата во правдата.
Финансиските истраги, одземањето на криминалната корист и независноста на Обвинителството беа заеднички теми во програмите што петмината кандидати ги претставија на 13 октомври. Пеливанов се заложи за целосно истражени предмети и судски одржливи докази, Цветановски за намалување на старите предмети и зајакнување на истражниот центар, а Азизи за тимска работа на обвинителите со специјализирани истражители. Раичевиќ го стави акцентот врз стручноста и поактивната улога на обвинителите во откривањето на криминалот.
Новата раководителка ја презема функцијата во период на јавни критики за работата на институцијата, меѓу кои и реакциите по запирањето на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино. Пред неа останува задачата најавите за ефикасност и независност да ги преточи во навремени истраги, обвиненија поткрепени со докази и одземање на незаконски стекнатиот имот.


