Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува наскоро да се одржи средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, изразувајќи уверување дека може да биде постигнат значителен напредок.
„Постигнуваме огромен напредок со Русија и Украина. Наскоро ќе се одржи средба“, им рече Трамп на новинарите во воздухопловната база Ендрус, во близина на Вашингтон, по враќањето од Тексас.
Тој не прецизира датум ниту место за одржување на средбата, а ниту Киев ниту Москва јавно не потврдија дека двајцата лидери се согласиле да се сретнат.
Изјавата доаѓа во пресрет на најавените трилатерални преговори меѓу претставници на Украина, САД и Русија, планирани за ноември, како и шест дена пред американските избори за Конгресот, на 3 ноември, на кои ќе се одлучува кој ќе ја контролира оваа институција.
Средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот лидер Владимир Путин е неопходна за да се разговара за најчувствителните прашања поврзани со мировното решение, изјави украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха.
Според него, преговарачките тимови веќе се сретнале неколкупати, но често се враќале на истите теми, поради што средбата меѓу Зеленски и Путин и натаму е неопходна.
Сибиха додаде дека Украина има конкретни предлози, меѓу кои и делумен прекин на огнот, при што ја истакна ситуацијата во Црното Море и заштитата на украинскиот енергетски систем.
Рускиот претседател Владимир Путин изјавил дека на украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе му биде гарантирана безбедноста доколку дојде во Москва, соопшти помошникот на рускиот претседател за надворешна политика, Јуриј Ушаков.
Според Ушаков, рускиот претседател го изјавил тоа за време на вчерашниот телефонски разговор со норвешкиот премиер Јонас Гар Стере и финскиот претседател Александер Стуб.
Путин им рекол на Стуб и Стере дека на Зеленски ќе му бидат обезбедени сите неопходни услови, вклучително и безбедноста, доколку дојде во Москва.


