Обвинителите денеска избираат прв човек на ОЈО ГОКК

Објавено:

Јавните обвинители денеска избираат нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Вкупно 187 јавни обвинители со право на глас, преку директен избор со тајно гласање, избираат меѓу петтемина пријавени кандидати – Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски.

Гласачките места се отворени од 08:00 до 16:00 часот, а резултатите по завршување на гласањето ќе бидат сумирани на јавна седница.

Комисијата за спроведување на изборот, формирана од Советот на јавните обвинители, е во состав – Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.

Петтемина кандидати на седница на Советот на ЈО на 13 октомври годинава ги претставија своите програми. Во фокусот на сите се јакнењето на истражните капацитети, борбата против корупцијата и перењето пари, финансиските истраги, ефикасноста во постапувањето и поголемата независност на Обвинителството.

Огласот за избор на основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК беше објавен во „Службен весник“ на 21 август годинава.

Постапката се спроведува поради истекување на мандатот на актуелниот раководител Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во октомври 2022 година.