„Ајде ќе видиме“. Вака заврши дискусијата во вибер – училишна група меѓу родители на тринаесетгодишни деца кои според редовниот календар за имунизација треба да ја примат вакцината со ХПВ (хуман папилома вирус). Вакцината е задолжителна за девојчиња, а можат да ја примат и момчиња пред да станат сексуално активни. Лекарите велат дека штити од најважните типови на вирусот поврзани со рак, но и дека не ги заменува редовните скрининг – прегледи.
Мислењата кај родителите кои треба да одобрат нивните деца да ја примат вакцината се поделени. Едни сметаат дека воопшто не треба да се дискутира за користа од вакцината, а кај други пак преовладува стравот од несакани последици.
„Не можам да разберам зошто родителите одлучуваат да не си ги заштитат своите деца, во услови кога можат. Без запрепастена, од две одделенија кои чекаа за вакцина во вакцинален пункт, вакцина примија само девет деца. Замислете од 60 деца само девет, се чувствував непријатно што сум за вакцина, бидејќи во ситуацијата бев малцинство“, ни изјави Ирена, мајка на тринаесетгодишно девојче кое ја примило вакцината пред неколку дена.
Но, Мартина Петрова од Охрид е една од оние родители кои одлучиле да не го вакцинираат своето дете.
„Јас имам 15 годишен син и нема да се вакцинира. Мислам дека оваа вакцина е поважно да ја примат девојчињата, а не машките. Не сум против вакцини, ама после ова што се случи со вакцината (БСЖ) која деновиве ја повлекоа од употреба поради несакани ефекти, дефинитивно нема да брзам да го вакцинирам син ми со вакцина против ХПВ“, вели Марина од општина Центар.
Има и родители кои поради различните информации кои кружат по социјалните медиуми, како од докторите така и од родителите, сè уште се збунети и не знаат како да постапат.
„Сè уште имаме дилема и во основа е стравот од евентуални несакани ефекти. Дотолку повеќе што се уште има поделени мислења и во лекарската фела, не само кај нас, а има еминентни лекарски имиња и меѓу оние кои се про и меѓу оние кои се контра, иако тие од втората група не се истакнуваат јавно. Не сме против вакцинирањето генерално и со ниедна друга вакцина не сме имале проблем за веднаш да одлучиме, но со оваа е поинаку. На крајот на секоја дискусија меѓу нас дома или со пријателите – да се прими вакцината или не – секогаш завршуваме со: Ајде ќе видиме“, ни изјави Милан, татко на 11 – годишно девојче од Скопје.
Иако во Македонија е воведена уште пред 18 години, опфатот на вакцинација со ХПВ е сè уште далеку од посакуваните најмалку 90 проценти како што препорачува Светската здравствена организација (СЗО).
Последните бројки од Институтот за јавно здравје(ИЈЗ) не се оптимистички. Пресекот за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2026 година, покажува дека од 4.926 лица што подлежат на вакцинација во Скопје, имунизирани со двете дози се само 1.116, што е опфат 22,7 отсто.
Најмногу вакцинирани деца има во Берово, Виница, Делчево и Македонски Брод, каде се бележи опфат од 100 проценти за двете дози.
Многу мал опфат е регистриран во Велес, 3,9 проценти. Интересен случај е општината Пехчево, каде што на пример, првата доза ја примиле сите запишани деца, а втората ниту едно.
Последниот Годишен извештај за имунизација со оваа вакцина е од 2025 година, каде што е регистриран опфат на ниво на држава од 51, 5 проценти.
Вакцината со ХПВ стана задолжителна за девојчињата во октомври 2009 година. Иако првично беше воведена само за девојчињата, таа од мај 2024 година почна да се нуди и за момчињата, кога беше проширена програмата за имунизација и беше воведена деветвалентната вакцина.
Алуловски: Вакцината е апсолутно безбедна и нема несакани ефекти
Информациите дека оваа вакцина може да предизвика неплодност, категорички ги демантира професор доктор Игор Алуловски од Универзитетската клиника за гинекологија.
„Тоа апсолутно нема логика и нема врска со реалноста. Напротив, вакцината штити да не дојде до инфертилитет или проблеми со забременувањето. Кај нас има информации дека ХПВ вирусот дури наводно може да предизвика инфертилитет кај момчињата со тоа што ги напаѓа и го успорува движењето на пример на сперматозоиди. Значи не е така, обратен е ефектот, а не дека нели би предизвикал инфертилитет или не знам дека ќе заболам од вирусот и рак ќе добијам. Тоа целосно нема нема врска со реалноста. Сакам да истакнам дека вакцината е апсолутно безбедна и тука нема збор за некакви несакани ефекти“, вели доктор Алуловски за Колегиум.мк.
Алуловски уверува дека вакцината штити од повеќе видови на канцер, но исто така потенцира дека подеднакво важни се редовните скрининг – програми.
„Државите што имаат воведено одлична скрининг – програма и плус на тоа додадена добар опфат со ХПВ веќе практично дискутираат за ерадикација(целосно отстранување, н.з) на цервикален карцином, практично да биде сведено на некои смешни бројки на новодијагностицирани карциноми на грло на матка. Инциденцата кај нас во принцип се движи некаде над 17 па во некои години и од 20, 21 и повеќе случаи на 100000 жени. Тоа е катастрофа – седум, осум пати поголеми бројки во однос на тоа што е тенденцијата да се постигне до 2030 година“, вели Алуловски.
Причината ја гледа во несоодветно организираниот скрининг за цервикален карцином и апелира да се вложува во превенција.
„Здравствените власти во државата мора да најдат сила и да внесат средства во превенција. Подобро да се спречи отколку да се лечи. Ако вие имате добра превенција практично сите овие бројки полека ама сигурно ќе исчезнуваат“, вели Алуловски.
Што е ХПВ и како се пренесува?
ХПВ (хуман папиломавирус) е вирус што најчесто се пренесува преку интимен контакт. Постојат многу типови, а некои можат да предизвикаат рак, особено рак на грлото на матката. Вакцинацијата штити од најопасните типови на вирусот.
Инфицираното лице често нема никакви симптоми и не знае дека го носи вирусот. Околу 90 отсто од ХПВ инфекциите, организмот ги контролира или ги отстранува сам во рок од две години. Ризикот од рак се зголемува кога инфекцијата со високоризичен тип на вирусот трае подолго време, бидејќи развојот на рак обично е долг процес што може да трае со години или децении.
Вакцината е најефикасна кога се прима пред изложување на вирусот, поради што се препорачува во раната адолесценција, и за девојчињата и за момчињата. Според стручната фела, она што е особено важно е дека вакцината не ја заменува редовната гинеколошка контрола и скринингот за рак на грлото на матката.
Ракот на грлото на матката е меѓу почестите малигни заболувања кај жените во земјава. Лекарите велат дека загрижува тоа што болеста се јавува кај се помлади пациентки, па дури и кај 18 годишни. На Клиниката за радиотерапија и онкологија, лани биле дијагностицирани нови 122 жени со рак на грлото на матката. Од 2. 263 пациентки со дијагностициран рак на грлото на матката во периодот од 2016 до 2023 година, 540 починале.


