Вакцинацијата против сезонски грип се очекува да почне околу 25 октомври

Објавено:

Од планираните 80.000, обезбедени се 56.000 вакцини против сезонски грип, а вакцинацијата се очекува да започне во текот на октомври, најдоцна до крајот на месецот, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски.

Тој посочи дека 30.000 вакцини треба да пристигнат во следните 10 дена, додека останатите 26.000 се очекуваат околу 15 ноември.

 „Направивме вонредни напори во соработка со одредени земји и директна комуникација со еден од европските производители и овој месец и во ноември ќе имаме обезбедено 56.000 вакцини за сезонски грип од планираните 80.000 вакцини. Од 56.000 вакцини за сезонски грип, 30.000 треба да пристигнат наредните 10 дена, а 26.000 околу 15 ноември. Количините што ќе ни бидат потребни за октомври и за ноември ќе ги имаме тука достапни“, изјави Клековски.

Министерот потсети дека вообичаено вакцинацијата против сезонски грип во последните три сезони започнувала меѓу 16 и 25 октомври. Со обезбедените 56.000 вакцини, како што рече, ќе може да се започне со вакцинацијата во овој период, а најдоцна до крајот на октомври.

Клековски посочи дека во следните денови ќе се работи и на надминување на проблемот со пријавувањето за вакцинација.