Црна Гора го менува името на базенот во Котор: Исполнет уште еден услов за влез во ЕУ по барање на Хрватска

Објавено:

Црногорскиот парламент усвои измени на Законот за спорт со кои се отвора патот за промена на името на базенот „Зоран Џими Гопчевиќ“ во Котор со што Црна Гора исполнува едно од барањата на Хрватска во рамките на решавањето на отворените билатерални прашања меѓу двете земји на патот на црногорската евроинтеграција, пренесе „Вијести“.

Одлуката базенот во Котор да биде именуван по Гопчевиќ беше донесена во 2021 година. Хрватска се спротивстави на тоа, тврдејќи дека тој бил чувар во логорот Морин, каде што биле затворени хрватски воени заробеници. Хрватските клубови и репрезентацијата одбиваа да играат во базенот.

Според измените, спортските објекти ќе можат да носат имиња на личности само ако од нивната смрт поминале најмалку 40 години. Бидејќи поранешниот ватерполист Зоран Гопчевиќ починал во 2000 година, базенот повеќе нема да може да го носи неговото име кога законските измени ќе стапат во сила и ќе бидат спроведени предвидените процедури.

Загреб кон крајот на јануари 2025 година ја блокираше согласноста за затворање на поглавјето 31 во пристапните преговори на Црна Гора со Европската Унија. Меѓу барањата за надминување на спорот се и враќање на имотот одземен од Хрватите во Црна Гора, обесштетување на поранешните затвореници од Морин и расветлување на судбината на исчезнатите за време на војната во Хрватска.

Локалната власт во Котор претходно не успеа да обезбеди мнозинство за промена на името на базенот, поради што прашањето беше решено преку измени на државниот закон.

Црна Гора е меѓу најнапредните кандидати за членство во ЕУ и планира да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2026 година, за да стане ЕУ членка во 2028 година.