Локалитетот Барутана на Водно привремено „здивнува“ од интензивна урбанизација. Сè додека не се обезбедат дополнителни стручни анализи за безбедноста на падините, теренската стабилност и сообраќајните решенија, нацрт-деталниот урбанистички план (ДУП) за оваа локација нема да се најде на дневен ред на Советот на Општина Центар, рече на 14 октомври градоначалникот Горан Герасимовски на брифинг со медиумите.
Оваа изјава на Герасимовски доаѓа откако граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ во изминативе два месеци алармираше против нацрт-Деталниот урбанистички план (ДУP „Барутана“) за Водно, предупредувајќи дека предвидува десетици нови крупни објекти на стрмен, ерозивен терен каде што моментално има само 15 објекти.
Тој на брифингот соопштил дела со новиот нацрт-план предвидено е намалување на вкупната површина за градба од 43 илјади на 29 илјади квадратни метри што во основа претставува намалување за една третина, како и зголемување на зеленилото во градежните парцели од 20 на 40 проценти. Исто така, во нацрт-планот е предвиден и пензионерски дом на државна парцела како дел од содржините за подобрување на просторот.
„Со поништувањето на самиот план во 2025 година, моја законска обврска и обврска на Општината е да започне со донесување нов детален план. Тоа го започнавме и тој е во процедура. Досега се добиени позитивни мислења од релевантни институции, меѓу кои и од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Но, дали планот ќе биде изгласан, тоа е одлука на Советот и советничките групи“, појасни Герасимовски, додавајќи дека нема да го стави на гласање сè додека не се отстранат сите дилеми.
Посебен геолошки елаборат и анализа од Градежниот факултет
За да се заштити јавниот интерес и да се отфрлат сомнежите поврзани со ерозија, свлечишта и стабилност на теренот, Општината ќе ѝ наложи на планерската куќа да изработи дополнителен геолошки елаборат и студија од Градежниот факултет.
Герасимовски истакна дека со планот не се воведуваат нови градежни парцели, туку се задржуваат веќе постоечките од претходната документација која датира уште од 2002 година, но дека сите сообраќајни и теренски решенија мора да бидат темелно проверени. Тој додаде и дека Општината нема да го расчистува теренот со општински средства ниту ќе ја преземе обврската за финансирање на улиците предвидени со планот, каде што дел од надлежностите паѓаат и на Град Скопје.
Во однос на сообраќајното решение и забелешките на јавноста, најавена е втора јавна анкета, на која граѓаните повторно ќе можат да ги достават своите предлози и критики. Градоначалникот посочи дека постои разлика во интересите меѓу самите жители на Барутана кои бараат побрзо развојно решење и оние од околните населби кои се порезервирани кон сообраќајниците и зеленилото.
Во меѓувреме, граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ дополнително предупреди дека под прашање е и неговата легалност, бидејќи не е усогласен со актуелниот Генерален урбанистички план (ГУП). Локалитетот Барутана претставува стрмен и пошумен дел од Водно, над полициската станица и во близина на дел од најпосетените планинарски патеки.
Став за ова имаше и лидерот на партијата од која доаѓа градоначалникот Герасимовски, Венко Филипче, кој порача дека на Водно „нема да се изгради ниту една цигла“ додека постојат нерасчистени прашања за безбедноста.
Постапката за нацрт-планот продолжува преку институционални филтри, а конечната судбина на Барутана ќе зависи од новите стручни анализи, изнесените забелешки од јавната анкета и одлуката на Советот на Општина Центар.


