Бегството на Ива Михајлова во соседна Бугарија е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум во Македонија, кој, по проверката на нејзините наводи, вели, ќе утврдеше дека таму нема здравствен случај, изјави министерот за здравство Сашо Клековски по денешната посета на болницата во Штип.
„Бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш ќе излезеа работите на виделина какви се. Јас патувам во Софија, ќе разговарам секако со нивното Министерство за тоа бидејќи во основа таму нема здравствен случај“, кажа Клековски.
Против Михаилова се води судски процес во судот во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици. Таа во текот на судскиот процес се жалеше на дискриминација поради нејзиното двојно државјанство, македонско и бугарско, односно дека не ѝ е дозволено да се лекува во соседна Бугарија. Татко ѝ Симеон Михаилов исто така избега во Бугарија по пресудата од 12,5 години затвор за случајот „Детонатор“.
Македонското Министерство за внатрешни работи вчера распиша меѓународна потерница по Михаилова.
Потерница има и за нејзиниот татко.
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски за време на неодамнешната посета во Софија, во врска со случајот со Михаилова изјави дека Македонија е подготвена да дозволи бугарски медицински специјалисти да ја посетат и да се запознаат со здравствената состојба и лекувањето на Ива Михајлова. Тој нагласи дека случајот има два одделни аспекти – судската постапка, во која извршната власт не може да се меша, и здравствената состојба на Михајлова, за која, како што рече, македонските власти покажале подготвеност за соработка.


