Министерството за внатрешни работи(МВР) распиша потерница по Михаилова Ива (23), а Основниот суд од Кочани ѝ одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
На потерницата што ја објави МВР на интернет – страницата пишува дека лицето, од татко Симеон и мајка Христина,двајцата од Кочани, се бара по централна и меѓународна потерница по барање на Основен суд Кочани за кривично дело по член 300 став 4 и член 297 став 3 од Кривичниот законик.
Притворот, пак, ѝ е одреден поради непочитување на претходно изречените мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за напуштање на државата. Притворот ќе се смета од моментот кога Михаилова ќе биде приведена.
Основното јавно обвинителство – Кочани побара притвор за Ива Михаилова откако таа на 12 октомври се појави во Софија, додека против неа има активна судска забрана за напуштање на земјата поради судски процес против неа за сообраќајна несреќа со смртни последици.
Во несреќата и Михаилова е меѓу повредените.
За неа судот имаше изречено и други мерки: забрана за напуштање и на државата и на родниот град Кочани, обврска повремено да се јавува во кочанскиот суд, а одземени и се и двата пасоши – македонскиот и бугарскиот.
Македонското МВР претходно соопшти дека таа нелегално излегла од Македонија и нелегално влегла во Бугарија. И бугарските институции излегоа со тврдења дека не знаат како влегла во Бугарија.
Засега остануваат нејасни околностите под кои Михаилова ја напуштила земјава.
Во изјави за бугарски медиуми, Михаилова рече дека ја поминала границата непречено, со лична карта, во придружба на нејзиниот адвокат.
Во изјава за БТВ, нејзиниот адвокат Николај Димитров одби да каже на кој граничен премин поминале, велејќи дека не сака да им предизвика проблеми на луѓето кои, според него, им помагале. Тој признава дека нивните постапки може да претставуваат прекршување на мерките кои ѝ се определени на Михаилова, но вели дека според него, правото на лекување било водечки принцип при донесувањето на одлуката.
Случајот со Ива Михаилова, двојна државјанка на Македонија и Бугарија, беше една од темите која се наметна од бугарските медиуми на 8 октомври, за време на конференцијата за Коридорот 8 што се одржа во Софија, а на која присуствуваше и македонска делегација, предводена од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Она што беше истакнато е оти македонската страна е подготвена да овозможи медицински консултации со бугарски лекари за Михаилова, кои би дошле во Македонија за да ја проценат потребата за нејзино лекување. Наместо тоа, Михаилова избега во Бугарија.


