Гугл ја запре изградбата на дата-центар во Белгија, немал дозвола

Објавено:

Американскиот технолошки гигант „Гугл“ (Google) денеска соопшти дека ги запрел работите на изградбата на голем центар за податоци во јужна Белгија, по судска одлука донесена поради недостиг на соодветна дозвола.

„Ги прекинавме работите во согласност со упатствата на локалните власти и додека ги очекуваме новите насоки“, изјави портпаролот на „Гугл“.

„Во Белгија работиме повеќе од 15 години и остануваме посветени на почитувањето на локалните закони“, додаде тој.

Белгиските власти во петокот соопштија дека му наложиле на „Гугл“ да ги запре градежните работи, по предупредувањето на организацијата „Гринпис“ дека компанијата нема соодветна дозвола.

Станува збор за центар за податоци што се гради во деловна зона на територијата на три општини во регионот Шарлроа, на југот на земјата, на поранешна рударска локација со површина од 50 хектари.

Градилиштето на „Гугл“ било отворено врз основа на градежна дозвола што властите ја издале во 2024 година.

Сепак, проблемите започнале оваа година, кога американскиот технолошки гигант побарал промена на условите од првичната дозвола и проширување на површината за изградба.

Тие побарале и одобрение за систем за ладење на компјутерските постројки со вода од реката Самбра, иако во првичниот проект било предвидено ладење со воздух.

По реакциите и мобилизацијата на граѓаните, регионалниот министер задолжен за инфраструктура, Франсоа Дескен, во текот на летото на крајот одбил да ја издаде изменетата дозвола.

„Гугл“ се обратил до управниот суд за да ја оспори таа одлука, а рочиштето е закажано за почетокот на јануари.

Плановите на американскиот гигант за изградба на големи центри за податоци за потребите на развојот на вештачката интелигенција веќе наидоа на пречки во неколку земји.

Пред еден месец, финската полиција соопшти дека започнала кривична истрага за влијанието врз животната средина на подготвителните градежни работи на локацијата на која „Гугл“ планира да изгради центар за податоци во Мухос, на северот на Финска.