По повод 28 Ноември – Денот на албанското знаме, плоштадот „Скендербег“ во Скопје е украсен со албански знамиња, кои се поставени и долж надвозникот во централното градско подрачје.
Во пресрет на празникот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека Министерството за внатрешни работи ќе биде максимално фокусирано врз одржување на безбедноста и јавниот ред, како и врз заштита на граѓаните и безбедноста во сообраќајот.
Тошковски им го честиташе Денот на албанското знаме на граѓаните од албанската заедница, но истовремено упати апел прославата да помине мирно и без нарушување на сообраќајот.
„Нема да дозволиме нарушување на сообраќајот и нарушување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Би ги замолил сите оние што ќе сакаат да си го прослават денот, да го направат тоа во согласност со сите пропишани протоколи, во рамките на една нормална, семејна, убава атмосфера со своите најблиски, па и со оние што сметаат дека треба да го прослават“, истакна Тошковски.
Денот на албанското знаме се одбележува затоа што 28 ноември 1912 година Исмаил Ќемали го истакнал црвено-црното знаме во Валона и ја прогласил независноста на Албанија од Отоманската Империја.
Празникот го одбележуваат Албанците во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и дијаспората.


