„Знаењето нема забранет јазик“ – протест на студенти Албанци, Владата најави решение

Објавено:

Под слоганот „Обединете се со студентите – сите заедно“ денеска (18 мај) попладне во Скопје се одржа вториот протест на студените Албанци кои бараат правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.

Во пресрет на протестот, од Владата објавија соопштение дека активно работат на изнаоѓање решение со оглед дека во моментов не постои законска можност за полагање на овој испит на друг јазик, освен на македонски.

„Знаењето нема забранет јазик“, „Студентите не се предаваат“, „Не ја допирајте нашата иднина“ беа дел од пораките што преку транспаренти ги испратија студентите на протестот на кој доминираа албански знамиња. Дел од медиумите објавија дека како поддршка за протестот пристигнале и демонстранти од Косово и Албанија.

Претходно, голем број политичари и јавни личности од Косово и Албанија јавно упатија пораки за поддршка за студентите Албанци во Македонија.

За барањето на студентите претходно во текот на денот работен состанок во Владата одржаа премиерот Христијан Мицкоски и копретседателите на ВЛЕН, Билал Касами и Изет Меџити.

„Соговорниците се согласија дека образованието и знаењето претставуваат темел на секоја современа и успешна држава. Оттука, институциите активно работат на изнаоѓање на решенија кои ќе бидат целосно усогласени со Уставот и со Законот за употреба на јазиците, со цел обезбедување правна сигурност и функционалност“, соопштија од Владата.

Касами и Меџити синоќа преку социјалните мрежи излегоа со идентична порака дека правосуден испит во земјава ќе се полага и на албански јазик и за тоа наскоро ќе има добри вести.

Студентите Албанци ваквото право го бараат согласно Законот за употреба на јазици.

Правосудниот испит го полагаат студенти кои завршиле правен факултет и е неопходен за тие понатаму да може да работат како адвокати, нотари, судии, обвинители.

Според податоците со кои располага Владата, а беа споделени од премиерот Мицкоски, од 2020 година до денес биле пријавени 918 кандидати за полагање правосуден испит. Од нив 196 биле Албанци. Испитот, кој досега се спроведува само на македонски, не положиле 27 албански студенти. Од нив, девет повторно се пријавиле и сите положиле.