Британскиот весник „Фајненшл тајмс“ (ФТ) објави дека поранешниот српски претседател Александар Вучиќ „лично вршел притисок врз службеници да ги отстранат пречките за изградба на хотел Трамп во центарот на Белград“.
ФТ го пишува ова врз основа на, како што се наведува, документи и сведоштва до кои весникот имал пристап, и дека овие податоци откриваат „до каде бил подготвен да оди соборениот моќник (Вучиќ) за да обезбеди реализација на проект за недвижности зад кој стоеше Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател“.
Весникот пишува дека планот за рушење и обнова на бомбардираниот Генералштаб во Белград станал „причина за протести предводени од студенти, кои биле насочени против сè поавторитарното владеење на Вучиќ“.
Ова, пишува британскиот весник, придонесе за „падот на Вучиќ на изборите минатиот месец“.
ФТ пренесува и изјава од поранешната директорка на Републичкиот завод за заштита на културните споменици, Дубравка Ѓукановиќ, која вели дека Вучиќ „лично ја навредил“, нарекувајќи ја неа и нејзините колеги „неуки“ и наредувајќи им да „преземат одговорност“ и да ги отстранат пречките за спроведување на проектот.
Ѓукановиќ вели и оти „целата ситуација била непријатна, како и сознанието дека претседателот или не бил запознаен со законската постапка или не бил заинтересиран за неа“.
Весникот пишува дека изјавата на Ѓукановиќ сугерира дека „српската влада во заминување и американските инвеститори, поддржани од Кушнер, соработуваат повеќе од една година, и покрај сè посериозните правни сомнежи за проектот“.
Оваа недела, Србија официјално го раскина инвестицискиот договор со американската компанија „Atlantic Incubation Partners“, зад која стои Кушнер. Проектот претходно беше суспендиран по поведувањето кривична постапка против српски функционери.
Договорот беше потпишан во мај 2024 година, а спроведувањето на проектот – изградба на хотел, зависеше од тоа да се укине на статусот на културно наследство на објектот на поранешниот Генералштаб.
Комплексот на Генералштабот во Белград, изграден во 1965 година, се смета за еден од најзначајните примери за југословенската модернистичка архитектура. Дел од зградата беше уништен за време на бомбардирањето на Белград од страна на НАТО во 1999 година, по што комплексот доби силно симболично значење.
Според претходните изјави на Вучиќ, првите дискусии за иднината на локацијата се одржале во 2020 година со Ричард Гренел, претставник на Доналд Трамп.
Вучиќ потоа тврдеше дека проектот треба да се спроведе при што мора да се зачува статусот на културно наследство.
Проектот доби на интензитет откако Кушнер и Вучиќ се сретнаа на маргините на Светскиот економски форум во Давос во 2023 година.
Аферата со Генералштабот дополнително ги разгоре студентските протести што ја потресоа Србија од крајот на 2024 година. И покрај јавното противење, Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ во ноември 2025 година протурка посебен закон со кој се укина заштитата на комплексот.
Еден месец подоцна, тогашниот министер за култура Никола Селаковиќ беше обвинет за злоупотреба на службената должност.
Обвинителството, исто така, поднесе обвинение против Горан Васиќ, кој го наследи Ѓукановиќ на функцијата раководител на Републичкиот завод за заштита на културните споменици. Тој е осомничен за фалсификување документација за да го оправда укинувањето на заштитата на Генералштабот.
По поднесувањето на обвиненијата, Кушнер се повлече од проектот.


