Македонска црковна делегација на гости кај рускиот патријарх Кирил

Објавено:

Рускиот патријарх Кирил се сретнал со македонската црковна делегација, предводена од митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, во чиј состав бил и епископот Хераклејски Климент, јавува порталот Религија.мк повикувајќи се на соопштението од Руската правосла црква.

Средбата се одржала на 21 ноември во Патријаршиската и Синодална резиденција во Даниловиот манастир во Москва, за време на посетата на македонските архијереи по повод 80-тиот роденден на рускиот патријарх.

Обраќајќи им се на гостите, Кирил ја истакнал словенската и духовната блискост меѓу двете цркви, но и фактот дека ова е прва посета на македонски претставници во својство на делегати на Црква со призната автокефалност.

„Многу нешта нè поврзуваат, веќе затоа што сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и го разбираме јазикот едни на други. Многу сум радосен што сега имаме можност заедно да се молиме и да служиме богослужби“, рекол Кирил.

Средби меѓу македонски и руски црковни претставници

Во последните неколку години – по признавањето на автокефалноста на македонската црква од страна руската во 2022 година, македонски претставници на двете цркви неколкупати се среќаваа.

На 8 октомври 2025 година, митрополитот преспанско-пелагониски, Петар и епископот велички, Никола, учествуваа на литургијата во манастирот „Свети Сергеј Радоњишки“, на Сергеов посед, близу Москва.

На 13 јануари 2023 година во Македонија беше вториот човек на Руската православна црква, владиката Антониј кој одржа заедничка литургија со поглаварот на македонската црква, архиепископот Стефан. Ден претходно, пак, рускиот владика задолжен за надворешни црковни односи и заменик на рускиот патријарх Кирил, во друштво на други црковни лица од Русија и на рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Бездникин, беа и во посета на седиштето на македонската црква во Скопје.

Кога се во прашање руските црковни претставници, официјално Скопје во септември 2023 година го протера рускиот архимандрит Васијан Змеев поради сомнеж за шпионажа. Истото го направи и Бугарија, каде рускиот свештеник живееше како црковен претставник на Московската патријаршија во Софија.

Инаку, рускиот патријарх Кирил важи за отворен поддржувач на војната на претседателот Владимир Путин против Украина. Европската Унија планираше да воведе и санкции за него, за што имаше и официјален предлог претходно оваа година. Но, на барање на Бугарија, летото 2026 тој беше отстранет од листата на лица за санкции, заедно со основачот на компанијата „Лукоил“, Вагит Акекперов.

Поради ставовите на руските достоинственици кон руската агресија, голем дел од нив се речиси изолирани од најголемиот дел на православни цркви. Од тие причини, ваквите средби изминатиов период го покренуваа и прашањето како ќе реагира Вселенската патријаршија на конекциите на МПЦ-ОА со Руската православна црква.

Автокефалноста на МПЦ-ОА и томосот од Вселенската патријаршија

А од вселенскиот патријарх Вартоломеј се очекува и официјално издавање на томосот за автокефалност, што досега не се случи.

За потсетување, во 1967 година, МПЦ-ОА еднострано прогласи независност од Српската православна црква (СПЦ) што и донесе меѓународна изолација и непризнавање. Тој црковен раскол заврши во 2022-та кога по повеќе од половина век се врати во канонско единство со останатиот православен свет и доби томос за автокефалност од СПЦ.

Во тој период и Вселенската патријаршија реши и прими во евхаристиско единство поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, свештенството и верниците, со што овозможи заедничко богослужење.

Потоа, следуваа изјави од архиепископот Стефан дека Вселенската патријаршија поставува неприфатливи услови за да ѝ додели томос на МПЦ-ОА.

Во 2024 година, прашан што конкретно бара Вселенската патријаршија, тој посочи дека биле поставени неприфатливи услови: откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Православната црква на Украина.

„Името ние си го имаме, тоа име е наше на никој друг не припаѓа и затоа не треба никој да бара да се откажуваме ние од нашето име, а името на нашата црква е Македонската православна црква возобновена Охридска архиепископија затоа се содржат и двете имиња во името на нашата црква. Дијаспората кога ќе преземат од сите други народи православни кои имаат своја дијаспора тогаш нека биде и нашава, но тоа прашање тешко ќе биде реализирано односно одговорено во позитивна насока кон барањата на Цариградската патријаршија“, изјави г.г. Стефан во мај 2024.

Кога е во прашање признавање на Православната црква на Украина (ПЦУ), МПЦ-ОА направи чекор во спротивен правец. На седница во септември 2024-та, Светиот архијерејски синод (САС) даде поддршка на Украинската православна црква (УПЦ).

ПЦУ и УПЦ се двете најголеми православни религиозни организации во Украина, од кои Украинската православна црква, на којашто поддршка ѝ даде македонската црква, важи за блиска до Москва и Руската православна црква.