Мицкоски е убеден дека Алта банка ќе се „спаси“

Објавено:

Досега има еден купувач за Алта банка АД Битола, кој е познат јавно, а премиерот Христијан Мицкоски верува дека процесот ќе заврши успешно и ќе се „спаси“ банката од стечај.

„Се соочивме со проблем кој е увезен, е последица на случувањата кај нашиот северен сосед. Второ, благодарение на навремените мерки што ги презема Народна банка и процесите кои потоа следеа, ние денес имаме закажана јавна аукција на 30 овој месец, веќе имаме домашен правен субјект – тоа е Комерцијална банка која се пријави и веќе ценовно чувствителната информација е објавена на македонската берза, која сака да ги откупи акциите на оваа банка и да стане сопственик. Да почекаме процесот да заврши за да можеме да коментираме дополнително. Јас сум убеден дека овој процес ќе заврши успешно“, изјави премиерот Христијан Мицкоски кој повторно ја обвини опозицијата дека за време на нејзиното владеење ја ограбувала држава алудирајќи на пропаѓањето на Еуростандард банка, за разлика од неговата власт која се обидува да го поврати тоа што било уништено.

Првата берзанска аукција за продажба на Алта банка АД Битола е закажана за 30 ноември.

Почетната цена е речиси 23 милиони евра ако се предвид дека на продажба е доминантниот акционерски пакет со 372.742 обични акции, односно 95,336% од вкупниот број акции, по цена од 3.777 денари од акција.

На 19 ноември заврши рокот до кога заинтересираните инвеститори требаше да достават барање до Народна банка за добивање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во Банката, како и писмена изјава дека ќе ги уплатат средствата потребни за купување на акциите. На аукциите ќе можат да учествуваат лицата што ги исполнуваат законските услови.

Претходно, според јавните изјави на премиерот и гувернерот Трајко Славески, интерес за купување на банката имало од шест инвеститори. Досега, единствено официјално е објавена намерата за купување од Комерцијална банка.

Ако не успее продажбата на Алта банка, како што посочија и властите претходно, второто сценарио е стечај.

Алта банка АД Битола е под привремена управа на Народната банка, чекор што беше преземен по одземањето на дозволата за работа на Алта банка во Белград и постапката за стечај отворена во Србија.

Алта банка, која во Србија е во сопственост на контроверзниот бизнисмен Давор Мацура кој важеше за близок до власта на Александар Вучиќ, на македонскиот пазар влезе во септември 2025 станувајќи мнозински сопственик во Стопанска банка АД Битола. По преземањето, оваа банка беше преименувана во Алта банка.