Замислете млад јавен обвинител. Штотуку ја започнал кариерата, полн со амбиции и убедување дека законот важи за сите. Пред него стои предмет против влијателен политичар или бизнисмен. Доказите се на маса, треба да донесе одлука.
И тогаш заѕвонува телефонот.
Од другата страна некој „добронамерно“ му објаснува дека предметот е чувствителен. Дека не треба да брза. Дека пред него има долга кариера и дека не е паметно уште на почетокот да создава непријатели.
Што ќе направи?
Ќе го прекине разговорот и ќе го пријави притисокот? Или ќе ја научи првата непишана лекција на македонското правосудство: законот е важен, но уште поважно е кој се јавува?
Тука започнува вистинскиот испит за новата генерација судии и јавни обвинители.
Кој го создаде правосудството на недовербата?
Со децении слушаме за реформи, стратегии и независно судство. Се менуваат министри, закони, претседатели на судови и обвинителства. Се трошат пари, се организираат обуки, се пишуваат извештаи.
А граѓаните?
Според истражувањето на МЦМС за 2025 година, само 2,8 проценти од граѓаните изразиле целосна доверба дека судството може да се справи со корупцијата.
И сега доаѓаме до непријатното прашање.
Кој го создаде ваквото правосудство?
Сигурно не младите судии кои вчера ја облекле тогата, ниту обвинителите што штотуку го добиле првиот предмет.
Овој систем се градел со децении. Во него се менувале политички гарнитури, но сомнежите за партиски влијанија, сомнителни унапредувања и селективна правда останувале.
Не дека секој искусен судија е корумпиран. Напротив. Но, оние што со години управувале со институциите мора да одговорат на едно прашање: каде бевте кога правосудството ја губеше довербата на граѓаните?
Не може со децении да сте дел од правосудниот врв, а кога ќе дојде време за одговорност, да се однесувате како штотуку да сте пристигнале.
Младите се надеж. Но, дали се и похрабри?
Дали судија на 35 години е почесен од судија на 60?
Не. Не мора да значи.
Млад човек може да биде партиски потрчко исто како и постар. Може да биде кариерист кој уште пред првата пресуда размислува кому треба да му се додворува за следното унапредување.
Но, младите можеби имаат една предност. Дел од нив сè уште немаат создадено мрежи на политички услуги, професионални долгови и влијателни познанства.
Прашањето е колку долго ќе останат такви.
Ако млад судија види дека колегата кој одбил притисок со години не напредува, додека оној што молчи добива повисока функција, каква порака добива?
Дека законот е поважен од кариерата? Или дека послушноста е најсигурната инвестиција во иднината?
За корупцијата не е секогаш потребен плик со пари. Понекогаш е доволна надежта за унапредување, стравот од преместување или сознанието дека некој моќен може да ви ја уништи кариерата.
Најопасната корупција е онаа во која никој веќе не мора да ви наредува. Самите знаете што се очекува од вас.
Но, не молчеле сите!
Да бидеме праведни. Во македонското правосудство имало и судии и обвинители кои јавно проговориле за притисоците, неправилностите и политичките влијанија.
Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во 2023 година јавно предупреди на политички притисоци врз врховните судии. Потоа против неа се водеше постапка за утврдување одговорност, која Судскиот совет ја запре во јануари 2024 година.
Судијката Оља Ристова јавно го критикуваше изборот на судии во Апелациониот суд Скопје во 2023 година. Посочи дека биле прескокнати повисоко рангирани кандидати без соодветно образложение, а незадоволството од сопствениот неизбор го пренесе и пред Врховниот суд.
Обвинителката Ленче Ристоска јавно реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, сметајќи дека со нив се врши притисок врз нејзината независност во предметите „Талир“. Советот на јавни обвинители не утврди таква повреда. Но, приказната не заврши таму. По одземањето на предметите и одлуките што ги сметаше за опструкции, Ристоска во 2026 година поднесе оставка од обвинителската функција.
А новата раководителка на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, неодамна јавно порача дека обвинителите не треба да се плашат од притисоци, туку да им постават граница.
Не ги наведувам овие имиња за да прогласувам некого за безгрешен. Ниту секој нивен став мора да биде правилен. Станува збор за различни ситуации и различни облици на јавно спротивставување.
Но, тие покажуваат нешто важно!
Не молчеле сите.
И затоа прашањето не е само зошто некои проговориле, туку зошто јавниот отпор кон притисоците сè уште изгледа како исклучок, наместо како нормална професионална должност?
И уште нешто: ако дел од поискусните судии и обвинители имале храброст да проговорат, какво оправдување ќе има новата генерација ако избере да молчи?
Храброста не се докажува само пред моќниците
Има уште еден тест за новите генерации, кој често останува надвор од јавниот интерес.
Дали младите судии и обвинители имаат поголем слух за граѓаните што со години биле игнорирани?
За жената што повеќепати пријавувала семејно насилство, а институциите не го препознале ризикот сè додека не настапила трагедија? За ЛГБТИ лицето нападнато поради својот идентитет? За жртвата на криминал од омраза чиј случај бил потценет? За обичниот граѓанин без политички врски, пари и влијателни пријатели?
Можеби новите генерации подобро ги разбираат современите облици на насилство, дискриминација и злоупотреба на моќта.
Но, не сакам да им веруваме на збор.
Нека покажат со постапување!
Судијата не мора лично да ги дели животните убедувања на оштетениот. Обвинителот не мора да биде активист за човекови права.
Мора да го применуваат законот без предрасуди.
Затоа што судија кој се плаши да го заштити непопуларниот граѓанин, утре може да се плаши и да го осуди популарниот политичар.
Во двата случаи, правдата станува заложник на туѓото мислење.
Партискиот потрчко не станува независен со облекување тога
Македонија нема недостиг од дипломирани правници, магистри, доктори на науки и кандидати со високи просеци.
Но, каква корист од сите тие квалификации ако за професионално напредување е поважно кој ви е покровител отколку какви одлуки донесувате?
Ако млад правник влезе во правосудството со уверување дека за успех му е потребен политички заштитник, тогаш не сме добиле нова генерација независни судии.
Сме добиле нова генерација играчи во старата игра.
Европската комисија и во извештаите за 2026 година повторно предупредува на проблемите со независноста на судството, автономијата на обвинителството и борбата против корупцијата.
Значи, проблемот не е само во недовербата на граѓаните.
Но, да поставиме и неколку конкретни прашања.
Колку судии и обвинители официјално пријавиле недозволено влијание? Колку пријави биле темелно испитани? Колку моќници одговарале за обид да влијаат врз конкретен предмет?
Зошто јавноста почесто слуша дека имало притисоци отколку кој ги извршил?
Ако некој политичар или бизнисмен се обидува да уредува судска или обвинителска одлука, не е доволно да слушнеме дека постоел притисок.
Треба да се утврди кој се јавил, што барал и дали има основ за одговорност.
Телефонскиот именик не смее да биде поважен од Уставот.
Последниот испит
На Македонија не ѝ треба само генерациска смена. Ѝ треба прекин со културата на послушност.
На младите судии и обвинители не треба однапред да им аплаудираме само затоа што се млади. Но, не треба ни да ги учиме дека за да преживеат во системот мора да станат исти како оние поради кои граѓаните ја изгубиле довербата.
Нивниот вистински испит нема да биде пред комисијата на Академијата за судии и јавни обвинители.
Ќе биде тогаш кога ќе добијат предмет против влијателен човек.
Кога ќе им се јави некој што може да им ја забрза или уништи кариерата.
Кога ќе треба да изберат меѓу законот и нечие ветување.
Тогаш ќе дознаеме дали добиваме нова генерација судии и обвинители или само нови лица што ќе ги продолжат старите навики.
Не бараме да бидат херои. Бараме да не станат нечии потрчковци.
А оние што со децении го водеа правосудството до ова ниво на недоверба, нека одговорат на едно прашање:
Ако навистина сите овие години сте биле независни, кој тогаш го направи правосудството толку зависно?
Можеби првата вистинска победа на новата генерација нема да биде спектакуларна пресуда.
Можеби ќе биде само еден одбиен телефонски повик.
И име и презиме во службената пријава за оној што се осмелил да се јави.


