Зараза зад решетки: Како паднавме на испитот по хуманост и добивме шамар од Берлин

Објавено:

Пред некој ден нѐ стресе вест што на повеќето луѓе им помина како обичен наслов во црна хроника, но мене ми удри силен, понижувачки шамар среде лице.

Германија ладнокрвно го одби барањето на нашето Министерство за правда за екстрадиција на 21-годишната девојка, осудена на пет години затвор за онаа трагична сообраќајка кај Росоман во која згасна човечки живот. Ја нашле таму, ја ставиле во притвор, и кога нашиве со гордо крената глава си ја побараа назад за да си ја „одлежи“ казната, германскиот Виш суд едноставно ни ја затвори вратата пред нос.

Образложението? Во македонските женски одделенија во Шутка и Идризово нема ни „Х“ од хумани услови за живот. Германците нѐ прочитаа како ,,селски буквар” и проценија дека ако ја пратат тука, директно ќе ја фрлат во дупка што ги крши сите можни Европски конвенции за човекови права.

Значи, стигнавме до тоа дереџе, Европа да ги чува НАШИТЕ луѓе, од НАШИОТ правосуден и пенитенцијарен систем, оти нашите затвори не се установи за ресоцијализација, туку се буквално жива зараза, хорор филм и деградација на секое човечко битие.

Срам ме изеде…

Но, ајде да ја погледнеме големата слика наназад низ времето, чисто за да сфатиме во која праисторија сме заглавени како држава додека глумиме дека чекориме кон Брисел.

Ако се вратиме во 18 и 19 век во САД, затворите беа брутални места, ама имаа некаков концепт за тоа време. Тоа беше ерата на таканаречените „Пенсилваниски“ и „Обурнски“ системи. Луѓето ги ставаа во тотална самица, во темни ќелии, ги тераа на тешка принудна работа и ги присилуваа на апсолутна тишина за да „размислат за своите гревови“. И тогаш владееја колера, тифус и мизерија, но филозофијата на тоа време беше јасна — чиста одмазда на општеството кон криминалецот и кршење на неговиот дух. Како што одминуваше 19 век, Западот пак, сфати дека со суровост и кршење на човекот не добиваш поправен граѓанин, туку создаваш уште поопасен ѕвер за на улица.

Во 20 век, светот направи еволутивен скок во друга галаксија. САД, Германија и особено Скандинавија почнаа да градат системи базирани на модерна ресоцијализација. Во Германија, правото на затвореникот на човечко достоинство стана уставна категорија што не смее да се чепне. Нивните затвори денес изгледаат подобро од нашите студентски домови — чисти соби, компјутери, фокус на терапија, преквалификација за занает и подготовка за враќање во нормалниот свет. Затвореникот таму е човек кој згрешил, но државата прави сè за да го поправи.

А каде сме ние, денес, во 21 век? Ние ја имаме најлошата можна комбинација суровост од 19 век, а нула концепт за ресоцијализација од 20 век.

Нашите затвори се легло на зараза и криминал. Секој извештај на Комитетот за спречување тортура на Советот на Европа (CPT) за Македонија се чита како сценарио за филм со преживување. Според нивните официјални протоколи и извештаи, европски стандард значи: секој затвореник да има минимум 4 квадрати чист личен простор, проточна топла вода, дезинфицирани тоалети, три оброци со пристојна храна и медицинска нега достапна 24/7. ЕУ бара активна социјализација, спортски сали, библиотеки, курсеви за занаети и психијатриска поддршка за луѓето кога ќе излезат да не направат истото дело пак.

Кај нас реалноста е мизерија. Крв да ти се смрзне. Пренатрупани ќелии каде што луѓе спијат на смени или на под со вошки и бубашваби, мувла по ѕидовите што ти ги јаде белите дробови, и смрдеа од тоалетите што те гуши уште на капија. Нема основни лекови, нема доктори, а за едно обично ќебе, малку подобар душек или замена на крило треба да „подмачкаш“ некого. Корупцијата е системска работа — сѐ има своја цена, од мобилен телефон до терминот за шетање. И кога на сето ова ќе ги додадеш женските одделенија, каде што жените се заборавени од Бога, без основни хигиенски влошки, во влага и ладно, јасно ти е зошто Германците ни удрија ,,шамар”. Тоа не е казна со одземање на слободата — тоа е биолошка војна против сопствените граѓани.

Но, зошто едноставно не можеме да ги направиме затворите пристојни?

Не е дека немаме пари. ЕУ ни истури милиони евра преку грантови и кредити од Банката за развој при Советот на Европа за реновирање на Идризово и Шутка. Проблемот е што кај нас затворите не се институции за рехабилитација, туку се партиски дуќани за вдомување кадри. Директорите и менаџментот се менуваат како на филмска лента по партиски клуч, без никаква професионалност.

Чуварите се мизерно платени и оставени сами на себе, па затоа „бизнисот“ со шверц на дрога, телефони и привилегии цвета како на пазар. Секој денар наменет за реформи се краде или се троши на козметички преправања за да се замачкаат очите на европските инспектори кога доаѓаат во посета. Едноставно, нема политичка волја да се реши ова, бидејќи затворениците во Македонија се сметаат за „отпадок“ на општеството кој не носи гласови на избори, па затоа никому не му чуе во каква ,,кал” скапуваат.

Германскиот суд со оваа одлука само ни го стави огледалото пред фаца. Ни кажаа директно во лице: „Дечки, вие не сте никаква држава. Вие немате капацитет да спроведете правда, затоа што вашите затвори се срам за човечкиот род“. И најстрашното од сѐ е што ние се навикнавме на овој срам. Голтаме сè, креваме раменици во стилот „епа затвор е, нема во хотел да одат“ и чекаме некој друг да ни ја заврши работата. Ако сакаме барем малку да личиме на цивилизиран свет, мора конечно да сфатиме дека човековите права не престануваат на затворската капија. Сè додека нашите затвори се вакви дупки на зараза, корупција и криминал, и целата држава ќе ни биде таква — никаква, заробена, гнила и за голем срам пред светот.

(Авторот е магистер по правни науки – казнено право)

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.