Лица кои биле осудени за некое кривично дело, наместо во затвор, завршувале во психијатриска болница на лекување благодарение на „поволните проценки“ што им ги дале доктори ангажирани како вешти лица.
Вакви сомнежи открива Народниот правобранител во својот Годишен извештај за 2025 година, промовиран денеска, 26 јули.
Станува збор за пациенти сместени во Психијатриската болница Демир Хисар, која тимот на Народниот правобранител ја посетил во декември лани.
Имено, на третман во форензичкото одделение во оваа установа завршувале осуденици на кои со им била изречена ваква мерка со пресуда од судовите во Битола, Прилеп и Скопје. За да им биде изречена ваква казна, тие добивале вештачења дека се наводно непресметливи, па наместо во затвор се праќале на лекување во Демир Хисар.
Меѓутоа, тимот на Народниот правобранител добил наводи за случаи во кои биле изразени сомнежи за професионализмот при одредени вештачења. Токму овие „пациенти“ вработените во болницата ги истакнале и како проблематични случаи за коишто персоналот нема соодветно решение и начин како да ги третира. Тие реагирале и оти болницата нема соодветно обезбедува, ниту услови за задржување и грижа на ваков профил на лица, па бегствата од нивна страна се честа појава.
Дополнителен проблем е и што болницата нема раководно лице – од 2024 се смениле четири директори, па нема кој да го изнесе проблемот на повисоко ниво.
„Имајќи ја предвид ваквата состојба, како и наводите истакнати пред тимот на НПМ дека одредени лица ’со помош на вешти лица‘ и преку манипулативни активности успеваат да издејствуваат „поволно“ психијатриско вештачење, се отвора прашањето за сериозно отстапување од целта на кривичноправниот систем и суштинско поткопување на принципот на еднаквост пред законот и на правичноста на постапката. Наместо санкцијата да биде резултат на објективно утврдување на вината и одговорноста, таа станува производ на влијание врз експертската проценка“, нотира Народниот правобранител во Годишниот извештај.
Кои се последиците?
Како што констатираат од оваа институција, наместо установа со терапевтска дејност, Психијатриската болница се претворила во установа со доминантно безбедносна улога.
Присуството на лица кои немаат вистинска клиничка индикација за хоспитализација, потенцира Народниот правобранител, туку се таму како резултат на „правна тактика“ ја менува институционалната култура и ја поткопува здравствената мисија.
„Дополнително, ваквата состојба води кон ситуација каде што времето и вниманието на медицинскиот персонал се насочува кон лица кои не се вистински пациенти, додека лицата со реална и итна психијатриска потреба се соочуваат со подолги чекања, намалено внимание и влошени услови на лекување. На овој начин се повредува правото на здравствена заштита на најранливата категорија пациенти“, вели Народниот правобранител.
Особено сериозни се последиците за другите пациенти со тешки психички нарушувања кои навистина имаат потреба од заштита и терапија.
Закани кон вработените
Во извештајот се нотира и оти сериозен ризик има и за персоналот во психијатриската установа со оглед дека станува збор „пациенти“ кои се лица со криминално искуство, антисоцијални однесувања и без вистински психопатолошки инхибиции.
„Медицинските техничари, психијатрите и другите здравствени работници кои се обучени за терапевтска работа, а не за управување со лица со изразен криминален профил, се изложени на зголемен професионален и личен ризик, манифестиран и преку непосредни и посредни закани“, наведува Народниот правобранител.
Од Народниот правобранител информираа дека со оглед на ваквата ситуација, се обратиле до Комората на вештаци и барале информации во врска со примената на етичките и професионалните стандарди во судско-психијатриските вештачења.


