Земјотресите во Венецуела убија најмалку 235 лица, се трага по преживеани

Објавено:

Спасувачките екипи неуморно продолжуваат да трагаат по преживеани под урнатините од разорните земјотреси во Венецуела додека црниот биланс на жртви се зголемува.

Бројот на загинати се искачи на најмалку 235 лица, додека се повредени над 4.300 луѓе.

Сцените се застрашувачки. Во главниот град Каракас и крајбрежниот град Ла Гвариа, може да се слушнат крици од луѓе барајќи помош додека се затрупани под срушените згради.

Земјотресите беа регистрирани во средата околу 18 часот. Првиот со јачина од 7,2 степени по неколку секунди беше проследен со уште посилен земјотрес од 7,5 степени. Последователно имало и дваесетина афтершкови.

Се стравува дека многу повеќе луѓе се мртви, додека огромен број граѓани останаа без покрив над главата. И оние чии домови не се срушени, се плашат да останат во нив за да не им се срушат над глава поради оштетувањата што ги претрпеле.

Во средата во Венецуела беше национален празник поради што најголем број од луѓе за време на земјотресите се наоѓаа во своите домови отколку што тоа би било во нормален работен ден. Една од причините за катастрофалните последици е и што земјотресите биле плитки – првиот со епицентар од 20,3 километри под површината, а другиот на длабочина од 10 километри, според Геолошкиот завод на САД.

Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез прогласи вонредна состојба. Голем број земји ветија помош за справување со последиците, меѓу кои и САД кои најавија поддршка од 150 милиони долари. Американската војска испраќа и транспортни бродови и авиони за поддршка на спасувачките тимови.