Активисти од ХЕРА, со макети испрскани со боја која симболизира крв, денеска побараа навремена институционална заштита на жртвите на родово базирано насилство. Акцијата ја носи пораката „Заштита пред смртта, не правда по неа“, а активистите посочија дека годинава седум жени во земјава биле жртви на фемицид.
Од ХЕРА млади предупредија дека охрабрувањето на жените да пријавуваат насилство не е доволно ако по пријавата не следуваат брза реакција и конкретни мерки за нивна безбедност.
„Но, охрабрувајќи ги жените да пријават, не правиме ништо, бидејќи кога ќе пријават, тие наидуваат на празен шалтер, на бавен шалтер и на службеник кој ќе ја стави нивната пријава во фиока. И тие ќе одат повторно во својот дом, каде што ќе бидат малтретирани, тепани и убиени“, порачаа на настанот.
Активистите се осврнаа и на убиството на 17-годишната девојка од Богданци, нагласувајќи дека случајот мора да поттикне испитување на институционалното постапување и на евентуалните пропусти во заштитата.
„Овој случај не смее да заврши како уште една вест на црна позадина со црвени букви и меланхолична музика“, рече една од говорничките.

Од ХЕРА млади побараа поголемо вложување во превенцијата, како и обезбедување психолошка помош и поддршка за жртвите. Порачаа дека нивните барања се однесуваат на основното право на безбеден живот.
„Ние не бараме привилегии, односно ние бараме едноставно да живееме без страв“, истакнаа активистите.
Акцијата е дел од глобалната кампања „Шеснаесет дена активизам против родово базирано насилство“. За попладнево е најавен и протест против насилството врз жените и фемицидите.


