Тендери во градежништвото – едно се договара, друго се реализира

Објавено:

Значителен број договори за градежни работи не се реализираат во согласност со првично договорените услови, туку во текот на нивното спроведување се продолжуваат роковите, се зголемува вредноста и се менуваат обемот и условите за изведба, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за јавните набавки на градежни работи за периодот од 2021 до 2025 година.

Ваквата практика ја доведува во прашање смислата на првично спроведената јавна набавка и го зголемува ризикот од договарање, корупција и злоупотреби, се вели во денеска објавеното истражување.

Истражувањето „Тендерите за градежни работи се доделуваат под едни услови, а се реализираат под други“ покажа и дека вредноста на склучените договори за јавни набавки на градежни работи изнесува 1,5 милијарда евра за пет години и во овој период се склучени 9335 договори, а направени се 2500 измени на договорите.

Надзорот сè почесто се сведува на формално потврдување на состојбата на терен, отколку на навремено идентификување, документирање и спречување на отстапувањата, а ретко се користат банкарските гаранции и договорните казни како санкции за непочитување на договорите за јавни набавки.

Често, се наведува во текстот, набрзо по завршување на договорите се појавуваат недостатоци кај изведените градежни работи што отвора сомнеж за корупција во текот на реализација на договорите.

Вредноста на договорите доделени во тендери без конкуренција пораснала за три и пол пати – од 38 милиони евра во 2021 година на 141 милион евра во 2025 година.

Растот на тендерите со еден понудувач сигнализира зголемен ризик од договарање, прилагодување на спецификациите на одредени понудувачи и предвидлив исход на тендерите, се вели во тесктот.

10 градежни фирми во изминатите пет години добиле тендери вредни околу половина милијарда евра, што е речиси третина од вкупната вредност на тендерите за градежни работи. Меѓу нив се „Стентон Градба“ од Битола, „Жикол“ од Струмица, „Илинден“од Струга, „Гранит“ од Скопје, „Бауер БГ“ од Скопје, „Ју-Бај 2“ од Скопје, „Битем“ од Скопје, „НБ-Компани“ од Тетово, „Ленди Груп“ од Скопје и „Зобек Мининг“ од Скопје.

Во изборните години се забележува значително повисока вредност на тендерите за градежни работи, особено во годините со локални избори. Концентрацијата на градежни договори пред избори носи ризик од злоупотреба на јавни ресурси за изборни цели, стои во истражувањето на ЦГК.