Донесен Законот за јавни набавки, останаа повисоките прагови за трошење пари без тендер

Објавено:

Пратениците од владејачкото мнозинство на пленарна седница на 13 ноември повторно ги донесоа измените на Законот за јавни набавки откако претходно вето стави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Законските измени беа усвоени со 63 гласа „за“ и 20 „против“.

Претседателката имаше вето во однос на еден член од измените предвидува дека претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки се именуваат за период од 5 години и имаат право на реизбор.

Пратениците од власта поднесоа амандман со кој го избришаа спорниот член што го посочи Сиљановска-Давкова и така го надминаа ветото. Со оглед дека беше донесен од мнозинството пратеници, како што посочи и претседателот на Собранието Африм Гаши, сега шефицата на државата е должна да го потпише Указот за прогласување на законските измени.

Опозицијата, пак, имаше над 2.000 амандмани и за неа поспорни се други одредби што се носат со овој закон.

„Закон со многу коруптивни ризици! Закон кој овозможува договарање во четри очи без тендер до износ од 25.000 евра годишно за набавка на стоки и до 120.000 евра за градежни работи. Се избриша одредбата воведена во 2019 за задолжителна согласност од Бирото за ЈН за постапките за преговарање без тендер“, реагираше опозицискиот СДСМ.

Против беше и Миле Цеков, кој излезе од владината коалиција во чиј состав беше како пратеник од ЗНАМ.

„Надоместоците за жалби на фирмите се зголемуваат трипати – од 200 на 600 евра! Се воведува наплата за користење јавни податоци, зарем и за да провериме како се трошат народните пари ќе треба да плаќаме, впрочем досега беше бесплатно“, наведува Цеков додавајќи дека „Европската комисија бара поголема транспарентност и контрола, а власта оди во спротивна насока“.

Меѓу спорните измени што беа посочувани и од дел од граѓанскиот сектор изминатиот период беше и зголемување на сумата пари што може да ги потрошат за градежни работи без да распишат тендер – од 5.000 на 10.000 евра.

Од друга страна, пак, власта уште кога првпат беа усвоени измените во октомври, по што следуваше ветото од претседателката, уверуваше дека тие предвидуваат решенија за зголемување на транспарентноста и конкуренцијата при јавните набавки, дигитализација, но и поодговорно користење на парите на граѓаните.

Една од главните новини, потенцираше тогаш Министерството за финансии, е задолжителното користење на критериумот – најдобар сооднос помеѓу цената и квалитетот, што значи дека при изборот на најповолната понуда ќе се зема предвид и квалитетот и долгорочната оправданост на набавката.