Мерц го повика Путин да прифати учество на ЕУ во преговорите

Објавено:

Германскиот канцелар Фридрих Мерц го повика рускиот претседател Владимир Путин да прифати преговори за завршување на војната во Украина со учество на европските земји.

„Очекувам руската влада, како и рускиот претседател, конечно да се согласат на заеднички преговори“, изјави Фридрих Мерц пред новинарите, по пристигнувањето на состанокот на европските лидери во Даблин.

Украина и Русија во вторникот и средата, за првпат по неколку месеци, ги обновија директните преговори за завршување на војната во Абу Даби, со посредство на САД.

Американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер треба во четврток во Москва да се сретнат со Путин за да го убедат дека и европските земји треба да учествуваат во идните мировни преговори.

Во контекст на повторно отворената дебата за тоа кој треба да ја претставува Европската Унија во мировните преговори со Русија и Украина, Мерц смета дека главните европски актери се Германија, Франција и Обединетото Кралство.

Овие три земји, познати како Е3, досега ги предводеа европските дипломатски напори, а повремено им се приклучуваа и претставници на Полска или Италија.

„Не гледам апсолутно никаков проблем тоа да продолжи така“, рече Мерц и додаде:

„Важно е Русија да седне на преговарачката маса и да покаже подготвеност за разговори. Сè друго потоа ќе си дојде на свое место“.

На првите мировни преговори по осум месеци, кои се одржаа пред два дена во Абу Даби, Русија и Украина се договориле за поголема размена на заробеници, но немаше други позначајни конкретни резултати од средбите со посредство на Соединетите Американски Држави.

И покрај јавниот оптимизам на американскиот претседател Доналд Трамп, нема индикации дека е постигнат компромис за главните спорни прашања.