Народна банка информира дека од понеделник, 16 ноември, ќе започне да работи и експозитурата на Алта Банка во Прилеп, во насока на проширување на достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола.
Во неа, на клиентите кои имаат платежна сметка, а не располагаат со платежна картичка, ќе им биде овозможено подигнување готовина до 20.000 денари во период од две недели, согласно утврдениот лимит.
Продолжуваат да работат и филијалите на „АЛТА банка“ АД Битола во Струмица и Тетово, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“. Во овие експозитури клиентите можат да подигнуваат готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања, како и да вршат уплати за намирување на комуналните услуги, отплата на кредити и други потреби.
Потсетуваме, се вели во соопштението од Народна банка, дека во рамките на активностите за олеснување на пристапот до средствата и овозможување непречено извршување на секојдневните финансиски обврски, од 10 ноември клиентите на Банката можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство.
Притоа, важат утврдените лимити: до 15.000 денари неделно за клиентите што поседуваат платежни картички и до 20.000 денари во период од две недели за клиентите што не поседуваат платежни картички.
Во однос на олеснувањата за компаниите, се овозможи исплата на платите, заедно со уплатата на соодветните даноци и придонеси, за компаниите кои во последните три месеци редовно исплаќале плати преку платежните сметки во Банката, стои во соопштението.


