Почнува расправа за предлог-буџетот за 2027 година

Објавено:

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска почнува разгледувањето на Предлог буџетот за 2027 година, во второ читање.

Комисиската расправа ќе трае 10 дена, од кои најмногу четири дена за општ претрес и шест дена за амандмани. За Предлог-буџетот поднесени се над 300 амандмани од овластени предлагачи.

Во Предлог буџетот за 2027 година, вкупните приходи се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари, што е 5,7 отсто повеќе споредено со 2026 година, додека вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, што е за 4,8 отсто повеќе од 2026 година.

Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП, и е во согласност со Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година.

За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари. Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, што претставува раст од 6,4 проценти. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари што е зголемување за 4,1 проценти, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии или раст за 4,8 проценти, согласно законското усогласување.

Во 2027 година, покрај финансирањето на буџетскиот дефицит кој е проектиран на 45 милијарди денари, државата има обврски и за сервисирање на долгот во износ од 124,6 милијарди денари. Од вкупните обврски за отплата 46,5 милјарди денари се за надворешен долг.