Безбедносната состојба во Тетово е стабилна и не станува збор за какви било меѓуетнички тензии, туку за изолирани меѓунавивачки конфликти – појава со која се соочуваат и други градови низ државата и регионот, но во Тетово повеќе се одразува поради мултиетничката средина.
Ова е заедничкиот заклучок од меѓуинституционалниот работен состанок посветен на превенцијата и справувањето со малолетничката деликвенција, поттикнат од последните случувања и инциденти во кои беа инволвирани малолетни навивачи на двата фудбалски клуба од Тетово.
Ова се актуелизираше по серијата видеа објавени во специјализирани групи на платформата ТикТок со насилна содржина, во кои се гледа како малолетници бркаат или малтретираат други малолетници, а сето тоа го снимаат и го објавуваат на социјалните мрежи.
Колегиум.мк тогаш објави неколку сведоштва од родители на малтретирани деца: „Моето дете беше нападнато среде бел ден додека со другарче одел на тренинг. Ги фатиле за гуша и почнале да им ги соблекуваат јакните да видат дали се „Војводи“. Еден од нив снимал со мобилен, а снимките се за посебна ТикТок група во која со снимките од тепаните деца се „натпреваруваат“ кој ќе стави појако видео. Ги соблекуваат, ги дават, а на девојче од класов од син ми ја терале да каже дали е за Балисти или за Војводи?“
Пријави за малтретирање деца имало и од родители Македонци и од родители Албанци, а дел од нив обвинуваа дека „полицијата не реагирала“, што беше демантирано од СВР Тетово, од каде потенцираа дека реагираат и дека веќе се расчистени пет вакви случаи.
„Воздржете се од дезинформации и од политички конотации“
На денешниот состанок по овие случувања, присуствувале градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, претставници од Секторот за внатрешни работи Тетово, претставници од Советот за превенција од малолетничка деликвенција, Центарот за социјални работи Тетово, како и директорите на сите основни и средни училишта на територијата на општината.
„Сите институции упатија заеднички апел до јавноста, медиумите и политичките чинители да се воздржат од ширење дезинформации, политичка злоупотреба на ваквите настани и вештачко подгревање на тензии кои реално не постојат на ова подрачје. На состанокот беа договорени и следните конкретни чекори за претстојниот период како што се: континуирана размена на информации меѓу СВР Тетово, Центарот за социјални работи и образовните институции за рано детектирање на ризично однесување кај младите, организирање заеднички предавања и кампањи во основните и средните училишта на тема фер-плеј навивање, толеранција и законските последици од нарушување на јавниот ред и мир, одржување средби со советите на родители и управите на локалните спортски клубови со цел подигнување на свеста и заедничка одговорност за безбедноста на младите“, се наведува во заедничкото соопштение од состанокот, испратено преку СВР Тетово.
За овие напади реагираше и премиерот Христијан Мицкоски кој потенцираше дека за нападите врз деца во Тетово „треба да одговараат и напаѓачите и нивните родители,
Невладините бараат институциите да ги заштитат децата од насилство
Инаку инцидентите со врсничко насилство се сè почеста и загрижувачка појава во земјава. Нов тренд е што насилството меѓу врсниците не завршува со физичкиот напад, туку продолжува и преку снимање, споделување и јавно понижување на жртвата.
Невладиниот сектор бара одговорност од надлежните институции. Од коалицијата „Глас против насилство“ неодамна предупредија дека образовните институции, центрите за социјална работа и здравствениот систем не смеат да ја префрлаат одговорноста меѓу себе, додека децата остануваат без навремена заштита и стручна помош.
Барањата на невладиниот сектор вклучуваат обезбедување бесплатна психолошка помош за ранливите семејства и воспоставување независен граѓански мониторинг над институциите.


