Институционалната заштита од врсничкo насилство доцни, тврдат невладините

Објавено:

Смртта на тринаесетгодишното дете кое им подлегна на повредите по насилниот инцидент во Чаир треба да биде сигнал државата конечно да преземе сеопфатни мерки за да ги заштити децата од насилство, апелира Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Станува збор за тепачката која се случи доцна вечерта на 31 август, меѓу момчиња на возраст од 13 до 19 години, при што три момчиња беа повредени. Во инцидентот, според полицијата, биле користени ножеви, пендреци и безбол палки. Момчето што почина на скопската клиника со денови се бореше за живот, по тешката повреда од убодот во гради.

Од петте момчиња кои учествувале во тепачката четворица биле малолетни, а едно полнолетно. Полицијата тогаш го приведе 13 годишното момче кое им ги нанесе убодите на ранетите врсници. Обвинителството денеска треба да одговори на прашањето дали ќе има промени во квалификацијата на кривичното дело во убиство, откако момчето кое беше прободено почина.

Невладините бараат институциите да преземат одговорност за врсничкото насилство

Реакцијата на коалицијата „Глас против насилство“ го отвора клучниот проблем, институционалниот молк, отсуството на системска превенција и праксата на префрлање на вина кај децата, наместо преземање одговорност од надлежните служби. Организациите бараат итна истрага за сите претходни сигнали и одговорност од надлежните служби, пред трагедиите да станат непремостливи.

Од коалицијата наведуваат дека надлежните служби не смеат да чекаат насилството да ескалира до смртен исход за да покажат подготвеност за дејствување. „Глас против насилство“ повторно упати конкретни барања до Владата за темелна истрага на сите претходни пријави поврзани со случајот на 13 годишното момче и јавно соопштување на утврдените пропусти.

Нивниот став е дека по секој ваков трагичен настан фокусот погрешно се насочува кон етикетирање на малолетниците и најави за построги казни, за кои праксата покажа дека не се спроведуваат.

Последното ветување за построги казни беше на министерката за образование Весна Јаневска при крајот на минатата училишна година која најави законски измени со кои се предвидуваше парични казни за родителите на децата насилници.

„Со 250 евра ќе биде казнет секој родител на дете кое се однесува насилно во училиштето, но и ако тој родител не сака да соработува со училиштето или со другите институции“, изјави во јуни Јаневска.

Измените на законот влегоа во собраниска процедура, и тука застанаа. Предлогот сè уште не го поминал конечното гласање за да стапи во сила.

Барањата на невладиниот сектор вклучуваат обезбедување бесплатна психолошка помош за ранливите семејства и воспоставување независен граѓански мониторинг над институциите.

„Ветувањата без буџет и утврдени рокови не се мерки. Јавноста бара функционален систем во кој ниту едно дете нема да го загуби животот поради игнорирање на предупредувачките знаци“, апелираат од „Глас против насилство“.

Септември започна со низа инциденти за врсничко насилство

Во меѓувреме од почетокот на оваа учебна година до сега, во изминативе 28 дена јавноста е сведок на низа инциденти поврзани со врсничко насилство за кои институциите молчат.

Пред само два дена прваче беше жртва на булинг во училишна спортска сала, каде што повозрасни ученици го соблекле гол. Шест и пол годишно дете било физички нападнато, соблечено и снимано со паметен часовник во соблекувална на спортска сала во основно училиште во Кочани. Случајот го пријавил таткото на детето, 42-годишен жител на Кочани, се вели во полицискиот билтен. 

 Од почетокот на 2026 година до јуни биле регистрирани 93 инциденти во 64 училишта, или приближно еден случај на секои два дена.

infografika - prijavi za vrsnicko nasilstvi
Инфографика – Пријави за врсничко насилство (Извор: МВР – Графика: Емил Златков)

Од невладиниот сектор истакнуваат дека казната сама по себе не препознава ризик и потсетуваат дека образовните институции, центрите за социјална работа и здравството имаат обврска секојдневно да спроведуваат мерки за заштита, наместо како што истакнуваат, меѓусебно да ја префрлаат законската надлежност додека жртвите остануваат без стручна помош.

„По којзнае кој пат бараме државата да преземе сеопфатни мерки за заштита на децата од насилство. Денес бараме и одговор: Кој бил должен да ги препознае предупредувачките знаци, дали имало претходни сигнали и што направиле надлежните институции?“, се вели во нивното соопштение.

Организациите инсистираат Министерството за образование и наука да ги ревидира постојните правилници и протоколи, со цел тие прецизно да го препознаваат насилството од омраза и родово базираното насилство.

Последната студија изготвена од Центарот за психо-социјална и кризна акција во соработка со Фондот за население на Обединетите Нации – УНФПА, покажува дека и децата што пријавиле дека малтретираат врсници имаат потреба од поддршка.

Во споредба со другите деца, тие почесто пријавуваат психосоматски тегоби, депресивност и тешкотии во справувањето со секојдневните проблеми. Особено ранливи се 15-годишните девојчиња во оваа група, а едно од десет деца што пријавиле дека малтретираат други вели дека секогаш се чувствуваат осамено.

Истражувањето укажува дека и децата што трпат насилство и оние што го вршат се изложени на ризик по менталното и физичкото здравје. Затоа, за да се прекине кругот на насилство, потребно е да се испитаат причините за однесувањето и навреме да се обезбеди стручна помош.

Според студијата ХБСЦ, 11 отсто од децата изјавиле дека биле изложени на физичко насилство, како удирање или туркање, најмалку два до трипати месечно во последните неколку месеци. Такво искуство пријавиле 14 отсто од момчињата и 9 отсто од девојчињата. Дополнително, шест отсто од девојчињата изјавиле дека доживеале физичко насилство еднаш или двапати во изминатиот месец. Ова податоци се дел од обемно истражување кое на терен се спроведувало во 2022 година, а истражувањето е објавено е на 5 јуни 2025 година.

Но, таквиот тренд на врсничко насилство се забележува и годинава, само од почетокот на училишната година во медиумите се забележливи најмалку четири објави за булинг и инциденти поврзани со врсничко насилство.

Претходно во средината на мај 2026 година во основно училиште во скопската општина Гази Баба (населба Ченто) предизвика сериозна загриженост во јавноста поради дескалацијата на врсничкото насилство. Петнаесетгодишен ученик нападна деветтоодделенец во кругот на училиштето, нанесувајќи му тешка телесна повреда со нож во стомак. Ранетото момче беше итно оперирано и неколку дена помина во критична здравствена состојба. Во јули 12-годишно момче беше нападнато и прободено со нож во Шуто Оризари.

Последните податоци на УНИЦЕФ, објавени минатата училишна година, покажуваат дека проблемот е многу поголем, односно 23 проценти од младите на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека биле малтретирани од врсници во последните неколку месеци.

Меѓу клучните барања на дел од невладиниот сектор е и враќањето на содржините од сеопфатното сексуално образование во наставните програми. Ваквите содржини ги учат учениците на ненасилно надминување конфликти, препознавање злоупотреби и навремено барање заштита. Кога овие теми се исклучуваат од наставата, образовниот систем директно ги остава децата без алатки за сопствена безбедност.