Заклучени врати на експозитурите на Алта банка Битола забележавме низ градот. Зад нив, вработените ја организираат работата за нареднава неизвесна недела за нив, но и за стотици граѓани и компании кои имаат банкарски сметки во Алта Банка Битола. До ова дојде откако викендов Народната Банка го преземе управувањето со банката и ограничи користење на парите на сметките до 10 илјади денари за една недела за граѓаните, а за фирмите овозможи само трансфер на пари од една во друга сметка во Алта Банка Битола, не кон другите банки.
Но, реалноста на терен ова понеделничко утро е малку вознемирувачка за сопствениците на кредитни и дебитни картички од Алта банка, кои не можат да си извадат пари како што им вети Народната банка, бидејќи на банкоматите пишува „го надминавте вашиот лимит“, а нема со кого да се консултираат за нивниот проблем.
Разочарани граѓани кои треба да земат плата и пензија во оваа банка се уплашени и стравуваат за тоа како ќе се истера месецот во оваа ситуација.
„Не знам што ќе правам, од сабајле вртам по банки, кај сметководител да прашам што да правам, имам фактури за наплата што чекам да ми бидат уплатени, имам еден вработен, денеска требаше да пуштам плата за него и мене, како ќе го изведам ова навистина не знам“, вели 40 годишниот скопјанецот Стефан Б. кој денеска го сретнавме пред експозитурата на Алта Банка во скопската населба Лептокарија.
„Овие мерки се воведени со цел да се заштитат имотот и интересите на штедачите“, рече гувернерот на Народната банка Трајко Славески на вчерашната вонредна прес конференција.
Стефан се прашува како е тој заштитен ако не може да си подигне пари, да си пушти плата или да си плати сметки повисоки од 10 илјади денари.
„Бараат да си плаќаме кредити, а услови за тоа нема, ниту функционира електронското банкарство, ниту пак има отворен шалтер физички да си платам“, додава тој.
Пензионерката Вера Стојановска, рече дека иако има заклучени врати, ќе си почека тука, надевајќи се дека вработените сепак ќе дојдат на работа и можеби ќе и одговорат на прашањето што ја мачи „ Како да си плати за лековите кои треба неделава да ги подигне од аптека, ако не може да ја извади пензијата од сметка“.
Покрај овие, македонската ќерка банка на Алта банка Србија си има и други проблеми наталожени од првата година од нејзиното постоење во земјава.
Банката давала повеќе кредити, а заработувала помалку од камати и провизии, додека трошоците ѝ растеле. Ова го покажува последниот неревидиран финансиски извештај за билансот на Алта банка Битола, за период од 01 јануари до 30 септември, објавен на 30 октомври на Македонската берза. Алта банка АД Битола ги завршила првите девет месеци од 2026 година со загуба од околу 791 илјада евра. Во истиот период лани имала добивка од околу 799 илјади евра, е наведено во документот за билансот на успех, со што за една година, резултатот се влошил за приближно 1,6 милиони евра. Споредбата со минатата година се однесува на дел од годината во кој оваа банка се викаше Стопанска банка Битола и беше во сопственост на неколку македонски фирми меѓу кои „Пелистерка“ и „Тимох“. Продажбата се случи во септември 2025 кога Алта Банка Белград ја презеде во целост.
Според билансот на состојба, на 30 септември 2026 година АЛТА банка Битола имала околу 144,80 милиони евра депозити од клиенти, граѓани, компании и други небанкарски клиенти. На крајот од 2025 година тие изнесувале околу 146,19 милиони евра, што значи намалување за 1,39 милиони евра, или околу 1%, во првите девет месеци.
Банката го објаснува негативниот резултат со вложувања во вработени, деловна инфраструктура и развој. Во извештајот е наведено дека очекувала тие вложувања да донесат подобри резултати во иднина. Но, до крајот на септември тие очекувања сè уште не се гледаат во заработката.
Кој стои зад Алта банка?
Но, сега оваа банка има поголема „главоболка“ поради многу понеизвесна иднина. Неколку дена по изборниот пораз на Александар Вучиќ и Српската напредна странка (СНС) во Србија, Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка Белград, мнозинскиот сопственик на битолската банка. Зад српската банка стои Давор Мацура кого Би-би-си на српски јазик и ХРТ го опишуваат како бизнисмен близок до СНС. Официјалното образложение за одземањето на дозволата, сепак, е влошена финансиска состојба и ризик за парите на депонентите.
Според берзанското известување од 22 октомври, Алта банка АД Белград поседува 95,336 отсто од обичните акции на битолската банка, поранешна Стопанска банка Битола. Станува збор за речиси целосна сопственичка контрола, што на случувањата во Србија им дава непосредно влијание и во Македонија.
Тоа е и поводот поради кој на 1 ноември македонската Народна банка воведе привремена администрација во Алта банка Битола, со што управувањето го преземаат лица именувани од регулаторот. Гувернерот Трајко Славески ја образложи мерката со случувањата кај сопственикот во Србија, нагласувајќи дека битолската банка ги исполнува супервизорските стандарди, ама за да ѝ го заштитат имотот нема да дозволат вадење на пари од неа.
Случајот отвори и политички обвинувања во Македонија. СДСМ побара одговорност од премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Славески за влезот на групацијата на домашниот пазар. Славески изјави дека при одобрувањето на преземањето биле исполнети сите супервизорски критериуми.
Сето ова придонесува плановите на Банката за раст да се обвиткани со неизвесност особено околу идната сопственост, имајќи ја предвид најавата дека Славески ќе побара од мајката Банка да ги понуди своите акции на берза.
Банката заработила само една четвртина од парите што планирала
Во меѓувреме, банкарскиот извештај покажува дека трошоците за вработени и другите расходи од работењето годинава се зголемиле за вкупно околу 1,24 милиони евра во споредба со истиот период лани, додека нето-приходите од камати и провизии се намалиле. Банката, практично, троши повеќе за проширување во период кога од главните извори на приходи ѝ остануваат помалку пари, покажува финансискиот извештај.
Едно од најголемите отстапувања од плановите на Банката се гледа кај провизиите и надоместоците, парите што банката ги наплаќа за различни услуги, откако ќе се одземат трошоците што и самата ги плаќа за провизии. Од оваа основа на банката ѝ останале околу 568 илјади евра, што е за 29,07 проценти помалку од истиот период лани.
Но, разликата со сопствените очекувања што ги имала панката е многу поголема. Според образложението во извештајот, остварувањето е за 1,76 милиони евра, или за 75,65 проценти, под планираното. Од тие податоци произлегува дека банката очекувала околу 2,33 милиони евра нето-приход од провизии. Тоа значи дека остварила приближно една четвртина од планираното.
Банката наведува дека имала пониски приходи од провизии поврзани со кредитирањето и платниот промет на компаниите. Сепак, во извештајот не се забележува објаснување кои услуги или деловни активности требало да го донесат големиот планиран приход и зошто тој изостанал.
Повеќе кредити, но помала заработка од камати
Кредитите и побарувањата од клиентите достигнале околу 79,76 милиони евра, наспроти 61,86 милиони евра на крајот од минатата година. Тоа е раст од приближно 30 проценти. Повеќе кредити не значат веднаш и поголема заработка во истиот период. Кредит одобрен кон крајот на септември, на пример, допрва треба да носи каматни приходи во следните месеци.
Дополнително, банката заработува камата и од други вложувања. Во образложението наведува дека имала помали каматни приходи од инструментите кај централната банка и помал приход од наплата на претходно отпишани камати.
Во билансот, ставката „Вложувања во придружени друштва“ е нула, а во паричните текови нема прикажан одлив за вложувања во подружници и придружени друштва. Ова може да се толкува дека амбициите за проширување на Алта на македонскиот пазар со можно преземање на Силк Роуд банка не биле во план во првите девет месеци од годинава.
Во октомври дел од медиумите објавија дека преземањето веќе се случило, но Силк Роуд го демантираше тоа, објаснувајќи дека објавената трансакција се однесува на претворање долг во капитал, а не на промена на сопственикот.
Според последната објавена берзанска цена на акцијата на Алта банка АД Битола, во петокот на 30 октомври, таа е 3.777 денари, односно околу 61,41 евро. Последното тргување е на 19 октомври 2026 година, кога биле истргувани 260 акции во две трансакции.
Пред АЛТА, Комерцијална сакаше да ја купи Стопанска банка Битола, денеска има најава за продажба на акциите
Една година пред преземањето од српската Алта банка, Стопанска банка Битола беше цел на понуда од Комерцијална банка. Во август 2024 година, Комерцијална понуди да ги купи сите 390.977 обични акции по цена од околу 52,03 евра за акција, односно приближно 20,34 милиони евра за целата банка. За преземањето да успее, требаше да прифатат акционери што поседуваат најмалку 67 проценти плус една акција. Рокот за изјаснување траеше од 26 август до 22 септември.
Понудата ја прифатиле 149 акционери со вкупно 176.154 акции, односно 45,05 проценти од акциите со право на глас. Бидејќи не бил достигнат потребниот праг, преземањето пропаднало. Комисијата за хартии од вредност на 27 септември 2024 година ја утврдила понудата за неуспешна. Тоа значи дека Комерцијална не купила удел од 45 проценти — прифаќањето било условено со успехот на целата понуда.
Во текот на постапката имало и јавно несогласување околу цената. „Пелистерка“, која заедно со поврзаното друштво „Тимох“ поседувала 21,85 проценти од гласачките акции, ја оценувала понудата како несоодветна. Управниот одбор на Стопанска банка Битола, пак, имал позитивен став и посочувал дека понудената цена е над номиналната и над просечната берзанска цена во претходните 12 месеци. Во истото објаснување била наведена книговодствена вредност од околу 70,35 евра по акција, повисока од понудената цена. Книговодствената вредност е сметководствен показател и не мора да биде еднаква на цената по која акционерите можат да продадат.
Во 2025 година следуваше понудата на АЛТА банка Белград, по цена од околу 61,41 евро за акција, односно приближно 18 проценти повеќе од претходната понуда на Комерцијална. Неа ја прифатиле 262 акционери со 344.420 акции, во вредност од околу 21,15 милиони евра. За разлика од обидот на Комерцијална, ова преземање се реализираше, а битолската банка подоцна го доби името Алта банка АД Битола.
Гувернерот Славески најави дека денеска ќе побара од Алта Банка Белград која е мнозински сопственик да ги стави акциите на берза. Ако тоа не го стори наскоро, Народна Банка ќе го стори тоа место Алта Банка. Тој додаде дека има и неколку заинтересирани купувачи, без да открие повеќе детали.
На овие случувања со Алта банка во Србија, а потоа и во Македонија, му претходеа информации изнесени во српската јавноста дека по поразот на Вучиќ и СНС на парламентарните избори на 25 октомври, се изнесуваат огромни суми на пари од оваа банка во Белград кон сметки на лица и фирми во Скопје и Москва.


