Иран нуди отворање на Ормуз за два дена, се чека одговор на САД

Објавено:

Иран за време на тридневните разговори со катарски посредници во Доха понудил повторно отворање на Ормускиот теснец во рок од два дена, доколку САД ги укинат ограничувањата за иранските нафтени танкери, овозможат ослободување на замрзнатиот ирански имот и ги укинат санкциите за извоз на нафта.

Додека се чека одговорот од Вашингтон, земјите од Персискиот Залив стравуваат од нова ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

Катар три дена по ред посредувал меѓу САД и Иран во обид да се постигне договор според кој Вашингтон би ги укинал санкциите, по што Техеран повторно би го отворил Ормускиот теснец и би ги продолжил разговорите за нуклеарната програма.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека се надева оти Соединетите Американски Држави ќе го изберат патот на дипломатијата, но порача дека Техеран е подготвен и за одбрана. Тој додаде дека засега не се планирани директни преговори со САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходниот ден изјави дека преговорите со Иран напредуваат, но порача дека САД сè уште треба да се „справат со една или две цели“ во Иран, не исклучувајќи ја можноста за нови напади.