Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова им ја честита победата на претседателските избори во Бугарија на Илијана Јотова и на Кирил Валчев, изразувајќи очекување за соработка заснована врз меѓусебно почитување, отворен дијалог и искрено партнерство.
Во објавата на социјалната мрежа Икс, Сиљановска-Давкова упати честитки од името на македонските граѓани и од свое лично име, посочувајќи дека успехот на Јотова ја одразува волјата на бугарскиот народ.
„Уверена сум дека под нејзиното претседателство Бугарија ќе има конструктивна улога во нашиот регион и во Европа“, порача Сиљановска-Давкова.
Македонската претседателка изрази подготвеност за зајакнување на односите меѓу двете земји и за надминување на отворените прашања.
„Со добра волја можеме да ги надминеме постојните предизвици, да ги зајакнеме македонско-бугарските односи и да придонесеме за мирот, стабилноста и просперитетот“, се наведува во пораката на Сиљановска-Давкова.
Илијана Јотова е победничка на претседателските избори во Бугарија, според резултатите од паралелното пребројување на агенцијата „Алфа рисрч“, објавени од Бугарската национална телевизија (БНТ).
При целосно обработен примерок од паралелното пребројување, со пресек до 20 часот по бугарско време, Јотова и кандидатот за потпретседател Кирил Влчев имаат поддршка од 57,4 отсто.
Нивните противкандидати Андреј Ѓуров и Георги Кандев освоиле 39,6 отсто.


