Дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија за надминување на спорот што го блокира евроинтегративниот процес ќе продолжи и по претседателските избори во Бугарија, а нова средба меѓу министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова е можна во декември.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски денеска изјави дека засега нема договорен термин за средба, но таа би можела да се одржи на маргините на министерските состаноци на НАТО и ОБСЕ или на состанокот на Платформата за соработка на земјите од Југоисточна Европа.
„Дијалог има и тој ќе продолжи. Воспоставуваме билатерален дијалог со Бугарија, но и со претставници на Европската Унија и со земјите членки на ЕУ. Активно разговараме за сите одлуки поврзани со евроинтеграцијата, бидејќи за нив е потребен консензус. По тоа прашање ќе продолжиме да работиме, бидејќи ние по однос на европскиот пат немаме никаква друга алтернатива“, изјави Муцунски.
Тој нагласи дека Скопје ќе ја прифати секоја поддршка од Европската Унија и нејзините земји членки за постигнување долгорочно и одржливо решение, но оти нема гаранција дека договор ќе биде постигнат. Според него, на следната средба ќе се разговара и за европскиот пат на земјата и за прашања поврзани со однесувањето на официјална Софија што ја загрижуваат Македонија.
„Јасни сме во нашите позиции. Јас би рекол дека моето чувство е дека има почит за нашите позиции, но не смееме да застанеме, мораме да продолжиме активно да работиме и да ја користиме секоја можност за дијалог“, рече Муцунски.
Осврнувајќи се на случајот со Ива Михаилова, Муцунски рече дека Северна Македонија очекува и земјите членки на ЕУ да ги почитуваат стандардите за владеење на правото.
На 11 октомври 2026 година Михаилова се појави во бугарските медиуми, каде што изјави дека со адвокатот Николај Димитров ја преминала границата легално и дека се вратила во Бугарија поради влошената здравствена состојба.
Македонското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во граничните евиденции нема регистриран нејзин излез од Северна Македонија. Според информациите што МВР ги добило од бугарската гранична полиција, не бил евидентиран ниту нејзин легален влез во Бугарија.
На 13 октомври, Основниот суд во Кочани ѝ определи 30-дневен притвор, а беше распишана и потерница. Македонските власти побараа нејзино лоцирање, апсење и екстрадиција преку Интерпол. Бугарската страна, повикувајќи се на нејзиното бугарско државјанство и домашното законодавство, посочи дека постојат правни пречки за нејзино предавање на Северна Македонија.


