Премиерот Христијан Мицкоски остро ги демантираше тврдењата на бугарските медиуми за наводно „регуларното“ преминување на границата на бегалката Ива Михајлова и нејзиниот адвокат, потврдувајќи дека таа била илегално префрлена во соседна Бугарија.
Ива Михаилова, со двојно, македонско и бугарско државјанство, избега во Бугарија и покрај тоа што ѝ се одземени личните документи додека за неа се води судска постапка во Македонија за сообраќајна несреќа со смртни последици. Случајот предизвика дипломатски искри меѓу Македонија и Бугарија.
„Апсолутно е невистина тоа што го емитуваа бугарските медиуми, дека заедно со нејзиниот адвокат поминале на регуларен граничен премин и дека биле поздравувани. Тоа е лага. Второ, последен пат откако имаме евидентирано, а е потврдено и од бугарската страна, е дека адвокатот влегол на 28 септември, а не е точно тоа што тој го тврдеше. Иако станува збор за личност со сомнително минато, сакам овие работи да ги знае јавноста“, изјави Мицкоски од прес-конференција во Владата по повод најавата за нов инвестициски проект на компанијата „Кромберг и Шуберт“.
Премиерот потврди дека Министерството за внатрешни работи веќе ја води истрагата за да ги открие сите канали и лица што помогнале во нелегалното префрлање преку границата.
„Исто така можам да потврдам дека на нелегален начин е пренесена во Бугарија. МВР истражува и ќе дојдеме до сознанија на кој начин е однесена. И родителот, кој треба да одговара пред македонските власти, и Ива, која треба да ја докажува својата невиност, ќе одговараат, кога – тогаш. Ако некој мисли дека на овој начин обезбедил одредена заштита, на начин што се обидува да ги наруши меѓусоседските односи меѓу двете држави, жалам што политичкото водство во Бугарија се обидува на овој начин да покаже политички мускули, а не ја сфаќа штетата што сама себе си ја прави на меѓународен пла, но тоа е нивна одлука, тие избрале таква политика….. Жалам што тие лице правосилно осудено, наместо да го вратат тука да ја отслужи казната, тие од него прават естрадна ѕвезда и кловн. И жалам што млада девојка која најголем дел од својот живот и образовцание го стекнала во својата татковина Македонија одлучила денеска да биде она што се претставува лај нашиот источен сосед. Но, јас ја гледам македонската јавност в очи и ви кажувам, кога тогаш, и едниот и другиот ќе се соочат со правдата“, кажа Мицкоски.
Министерството за внатрешни работи(МВР) распиша потерница по Михаилова Ива (23), а Основниот суд од Кочани ѝ одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
Во Бугарија се наоѓа и нејзиниот татко Симеон Михаилов. И тој е двоен државјанин и по него македонските органи имаат распишано меѓународна потерница за издржување на затворска казна од 12,5 години затвор.
И Михаилов изминатиот период беше во фокусот на јавноста откако се појави на бугарските телевизии бранејќи ја својата ќерка.
Таткото е осуден во случајот „Детонатор“, меѓу другото и за обид за убиство. Тој првично беше осуден на доживотен затвор, но потоа казната му беше намалена на 12,5 години затвор.
„Детонатор“ е полициско-судски случај од 2012 година против организирана криминална група која дејствувала главно во Кочани и околината, при што група од околу 15 лица беше обвинета за лихварство и изнуда, злосторничко здружување, насилство и други кривични дела. Беа запленети над 1.000 покер апарати, а како последица на акцијата беа сменети 13 командири на полициски станици и началникот на СВР Штип.
Михаилов еднаш беше во бегство, но беше уапсен во Италија од каде беше екстрадиран во 2014 година. Во меѓувреме, излезе од притвор, а пред затворската казна од 12,5 години да стане ефективна повторно избега, овој пат во Бугарија од каде до ден денес не е екстрадиран.


