Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Кичево, за 2024 година.
Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на општината и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики, се вели во соопштението.
Ревизијата утврди дека постои неусогласеност меѓу сметководствената и даночната евиденција во вкупен износ од 32.911 илјади денари односно околу 533.000 евра, како и дека се евидентирани побарувања во износ од 14.562 илјади денари, од кои 6.241 илјади денари, односно 43%, се побарувања со старост над 10 години, а 57% од побарувањата, односно 8.321 илјади денари, се постари од 5 години.
Имајќи предвид дека овие побарувања потекнуваат од минати години и поради непреземени мерки за нивна наплата, постои неизвесност за нивна наплата и не е извршено нивно вредносно усогласување.
Иако општината испраќа опомени кои се генерирани преку електронскиот систем за администрирање на даноци и такси, во 2025 година се донесени решенијата за присилна наплата само за 150 даночни обврзници.
При наплата на даноците на имот и комуналната такса за фирма, односно назив на деловна просторија, не се пресметува и наплатува камата за износот кој не е платен во пропишаниот рок, се наведува во текстот.
Во однос на бесправно изведените надградби на објекти кои не се во согласност со правосилно издадените одобренија, не се преземаат мерки по спроведениот инспекциски надзор.
Утврдена е неактивност во постапувањето по предлози за поништување на одобренија, недостига механизам за присилно отстранување на бесправни надградби и постои неажурност во постапувањето со надлежните институции.
Воедно, општината во последните четири години нема иницирано постапка за донесување урбанистички планови и нема подготвено и доставено годишен извештај до Министерството за транспорт за користењето на средствата по овој основ, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.


