Се урнал покрив на училиште во Пакистан, десетици загинати

Објавено:

Најмалку 27 ученици и една наставничка загинале кога се урнал покривот на училиште во Пешавар, главниот град на пакистанската покраина Хајбер-Пахтунхва.

Спасувачките служби стравуваат дека под урнатините има уште деца, па бројот на жртвите би можел дополнително да се зголеми, пренесуваат локалните медиуми.

Загинатите деца биле на возраст од шест до 12 години, изјави Мохамад Асим, портпарол на болницата во Пешавар.

Повредени се 19 лица, меѓу кои петмина се во критична состојба, додаде тој.

Станува збор за приватно училиште што се наоѓа во северниот дел на градот, а засега не е позната причината за уривањето на покривот.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изрази длабока тага поради трагедијата што се случи во училиштето.
Сочувство изрази и пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари.

„Оваа голема трагедија ја шокира целата нација“, изјави тој.

Претседателот на Пакистан побара и сеопфатна истрага за да се утврдат причините за несреќата, како и проверка на безбедносните стандарди во училишните објекти, со цел да се спречат слични трагедии во иднина.