ВИДЕО: 15 бебиња загинаа во пожар во болница во Пакистан

Објавено:

Најмалку 15 новороденчиња загинаа во пожар што избувна во државна болница во Исламабад, главниот град на Пакистан. Локалниот радиодифузер Geo TV објави дека несреќата е предизвикана од дефект во системот за климатизација, пренесува Ројтерс.

Пожарот избувнал во одделението за гинекологија во болницата на Пакистанскиот институт за медицински науки (PIMS) пред околу два часа. Во времето на пожарот имало 16 новороденчиња во одделението. Според информациите пренесени од Geo TV, само едно бебе било спасено.

Премиерот Шехбаз Шариф им наложил на властите да спроведат итна истрага, соопштија од неговиот кабинет.

„Оние што се одговорни треба да бидат идентификувани и треба да се преземат најстроги мерки“, се вели во соопштението од кабинетот на Шариф.

Пожарот е меѓу најсмртоносните во болници во последните години во земјата.

Во Пакистан, здравствената заштита е субвенционирана од власта, но државните болници се недоволно снабдени и преоптоварени, додека надзорните институции честопати ги критикуваат дека се лошо управувани.