Властите во Истанбул ги затворија училиштата, упатија дел од вработените во јавните служби на отсуство и ги повикаа граѓаните да останат дома, откако обилните врнежи предизвикаа поплави низ најголемиот град во Турција.
Канцеларијата на турскиот гувернер соопшти дека наставата ќе биде прекината, додека државните службеници со попреченост и мајките со мали деца ќе бидат ослободени од работните обврски.
Гувернерот ги советуваше жителите да останат дома, освен ако патувањето не е неопходно, а на луѓето што живеат во сутеренски и подрумски станови им беше препорачано ноќта да ја поминат на друго место.
Обилните дождови поплавија куќи и деловни објекти, а водата ги прекри патиштата и подвозниците. Возила останаа заробени во водата, предизвикувајќи сообраќаен хаос во градот со околу 16 милиони жители.
Засега нема извештаи за повредени лица.
Во еден градски округ, минувачи спасиле жена што поројната вода ја носела по улица, додека пожарникарите извлекле уште едно лице заробено во поплавен подрум, пренесува Асошиејтед прес.


