Албанската полиција употреби водни топови и солзавец против десетиците илјади студенти кои демонстрираа во главниот град, каде што веќе втор ден се одржуваат насилни протести.
За време на нередите, повредени се десетици полицајци и демонстранти.
Студентите запалија владина зграда и две банки и фрлаа камења кон полицијата во знак на протест поради зголемувањето на трошоците за образование и корупцијата.
Демонстрантите предизвикаа пожар во зградата на Министерството за образование, превртеа контејнери за ѓубре и ги скршија прозорците на локалните продавници и бизниси. Филијала на Рајфајзен банка во близина на Министерството за образование, исто така, е запалена, објавува британскиот Гардијан.
Ова се најнасилните протести досега против премиерот Еди Рама, кој во мај минатата година го освои четвртиот мандат на функцијата, но сега се соочува со растечко незадоволство и перцепција за корупција кај водечките функционери.
Демонстрантите, исто така, ги отфрлија опозициските личности како неприфатлива алтернатива.
Немирите избувнаа по летото мирни протести против Рама, поттикнати од предложениот проект за развој на луксузно одморалиште на јужниот брег на Албанија, финансиран од зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
Сега студентските организатори изјавија дека протестите се предизвикани од условите на универзитетот, трошоците за високо образование и недостатокот на финансиска поддршка и перспективи за работа по дипломирањето.
Немирите се дел од поширок бран студентски активизам што ја зафати Европа околу образованието и условите за живот, пишува „Гардијан“.
Албанските медиуми објавија дека вчерашните протести се прошириле и на универзитетите во Елбасан и Скадар.


