Протест во Тирана: Јајца и домати врз возилата на пратениците

Објавено:

Фламинго револуцијата во Албанија не застанува. Откако вчера демонстрантите го одржаа јубилејниот 100-ти протест, денеска (8 септември) продолжија со нов.

Протестот беше на стартот на новата собраниска сесија откако пратениците се вратија на работа по годишните одмори.

Демонстрантите се судија со полицијата, а како што јавуваат медиумите, се фрлале и тврди предмети, домати и јајца врз возилата на пратениците и полицијата. Тие го попречуваа и движењето на возилата, па интервенирала и специјалната полициска единица „Шќипоња“.

На протестот пред парламентот, се скандираа и пораки кон власта: „вие не го претставувате народот“, „Рама во затвор“, „Бериша во затвор“, „пратениците се неписмени“ …

Според медиумските извештаи има и повеќе приведени, меѓу кои и Адриатик Лапај, лидер на опозициската партија „Албанија станува“.

Внатре во парламентот, пак, опозициските пратеници ја напуштија собраниската сала, па само со гласовите на владејачкото мнозинство беа изгласани неколкуте точки од дневниот ред.

Протестите започнаа кон крајот на мај кога граѓаните се кренаа против плановите за реализација на проектот за луксузно одморалиште на јадранскиот остров Сазан и заштитеното крајбрежно подрачје Вјоса-Нарта. Меѓу инвеститорите е и компанијата на зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер.

Кушнер, кој раководи со „Афинити партнерс“, има портфолио на недвижнини вредно милијарди долари, а во август 2024 година ги обелодени плановите за градење на луксузно одморалиште во Албанија, кое треба да има околу 10.000 соби. На почетокот на 2026 година, тој ја посети областа со сопругата Иванка, ќерка на Доналд Трамп.

Демонстрантите бараат овие планови да се стопираат поради влијанието врз заштитеното мочуриште кое е живеалиште на фламинга, фоки и место за гнездење на морски желки. За време на протестите, фламингото стана симбол на демонстрантите кои носат розови надувани птици и транспаренти со натпис „Фламинго револуција“.

Последни објави