Во цела ЕУ да се забранат социјални мрежи за деца под 15 години, предлага Макрон

Објавено:

Францускиот претседател Емануел Макрон ја повика претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да иницира изготвување европски закон со кој ќе им се забрани на лицата под 15 години пристап до социјалните медиуми.

Во писмото, Макрон побара мерки за „заштита на сите деца во Европската Унија“, нагласувајќи дека смета на „експертизата и активното учество“ на службите на Европската комисија во ова прашање.

Францускиот претседател оцени дека постојните правила повеќе не се доволни и дека е потребно да се воспостави единствено решение што ќе се применува во сите земји-членки на ЕУ.

Предлогот доаѓа откако во јули француските власти донесоа закон со што станаа првата земја во Унијата која реши целосно да ги забрани социјалните мрежи за тинејџерите.

Одлуката се спроведува во две фази. Првата почна да се применува од септември со забрана лицата под 15 години да отвораат профили, додека за сите нови профили се бара потврда за возраста. Втората фаза ќе почне од јануари 2027 кога ова правило ќе се примени и за веќе постоечките профили.

Претходно, во декември 2025 забрана за пристап до социјалните мрежи на лица помлади од 16 години воведе и Австралија. Но, иако забраната е воведена јавна тајна е дека многумина продолжуваат да ги користат овие платформи.

Во март, австралиската Комисија за е-безбедност објави дека седум од 10 деца под 16 години кои имале сметка на социјалните медиуми пред забраната сè уште имаат „одреден пристап“.

Последни објави