Секојпат кога праќаме порака, гледаме видео, користиме Google или ChatGPT, некаде зад нас работат илјадници сервери. Тие се сместени во дата центрите – огромни објекти кои стануваат еден од најважните делови на дигиталниот свет.
Но, дата центрите бараат и огромни количества струја, а некои и значителни количества вода. Затоа прашањето е: што добиваме ако се градат кај нас – а што можеме да изгубиме?
Владата ги гледа како можност за инвестиции и технолошки развој. Таа јасно кажа дека нема намера да се повлече од планот за изградба на таква инфраструктура, а премиерот Христијан Мицкоски тврди дека вештачката интелигенција, новите технологии и искористувањето на природните ресурси се дел од иднината на македонската економија.
Опозицијата пак, обвинува дека Владата нетранспарентно ги води процесите поврзани со изградбата на овие центри. Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз(СДСМ) предупредуваат на можни последици врз водните и енергетските ресурси, како и врз други индустриски капацитети.
Андоновски: На државата ѝ е потребен национален дата-центар
Македонија мора да изгради национален дата-центар за да обезбеди стабилни дигитални услуги и да го следи развојот на вештачката интелигенција, порача денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на конференцијата „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, организирана од Стопанската комора и УНДП.
Андоновски предупреди дека државните податоци и сервери во моментов се сместени на повеќе од 40 локации во Скопје, каде што често доаѓа до прекини поради технички дефекти, проблеми со климатизацијата или нестабилно напојување. Тој посочи дека националниот дата-центар е вклучен во Планот за раст на ЕУ и реформската агенда, а како потенцијални локации за вакви капацитети ги издвои подрачјето околу Неготино и индустриските зони во Скопје и Охрид.
Власта уверува дека без инвестиции во сопствена инфраструктура и дообука на домашните ИТ-инженери, земјата ризикува целосна зависност од странски технолошки компании.
Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау, порача дека одржливоста не е пречка, туку предуслов за траен профит. Тој истакна дека компаниите што навреме ќе инвестираат во зелени технологии и енергетска ефикасност полесно ќе пристапат до европскиот пазар, додавајќи дека Унијата продолжува да ја поддржува зелената транзиција преку ИПА-програмите и финансиските инструменти.
Од Стопанската комора оценија дека државата повеќе не смее да ја одложува дебатата за спојот меѓу индустријата, енергетската инфраструктура и екологијата. Претседателот на комората, Бранко Азески порача дека за идниот економски развој и за бизнисот, клучни приоритети остануваат борбата против корупцијата и сивата економија, забрзаната гасификација, поддршката на извозот и регионалната интеграција.
Не сите дата-центри се исти, тие за вештачка интелигенција трошат многу повеќе струја
Дел од експертите предупредуваат дека треба да се прави разлика меѓу класичните дата-центри и центрите наменети за вештачка интелигенција, кои имаат значително поголема потрошувачка на електрична енергија и посложени системи за ладење.
„Не сите дата-центри се исти. Кога се зборува за нивното влијание, мора да се знае за каков тип на дата-центар станува збор, колкава е неговата потрошувачка на енергија, каков систем за ладење користи и какви се неговите еколошки ефекти“, рече софтверскиот инженер Петар Пешев.
Тој нагласи дека покрај економските придобивки, дата-центрите имаат важна улога и во заштитата на чувствителните податоци, особено во секторите како осигурувањето и јавната администрација, каде обработката на информациите често мора да остане во рамки на локалната инфраструктура.


