Најбогатиот човек во светот, Илон Маск, изјави дека секое дете во Соединетите Американски Држави ќе добие по две акции од неговата компанија „СпејсИкс“, која се занимава со вселенска технологија и вештачка интелигенција.
Вредноста на донацијата се проценува на околу 18 милијарди долари.
Маск и конкурентската компанија за вештачка интелигенција „Антропик“ неодамна претставија различни планови за распределба на дел од придобивките од брзиот развој на вештачката интелигенција, во време на зголемен интерес на јавноста и политичарите за оваа индустрија.
Децата ќе добијат една акција од компанијата, а втората лично од Маск, објави тој на социјалната мрежа Икс.
Во посебна објава наведе дека акциите што ги подарува „СпејсИкс“ ќе им бидат префрлени на примателите следниот месец, додека неговите лични акции ќе бидат префрлени во јуни следната година, по истекот на периодот во кој е забранета нивната продажба.
СпејсИкс“ претходно објави дека на секоја моментално активна сметка во рамките на програмата позната како „Трамп акаунтс“ ќе ѝ додели по една новоиздадена обична акција од класата А. Компанијата додаде дека Маск лично ќе подари ист број акции.
Станува збор за програма осмислена за да им овозможи на Американците помлади од 18 години да учествуваат на берзата и да стекнуваат имот уште од најрана возраст. Белата куќа во октомври соопшти дека се отворени речиси 70 милиони вакви сметки.
Цената на акцијата на „СпејсИкс“ на затворањето на берзанското тргување во средата изнесуваше 127,44 долари, со што вкупната вредност на најавената донација достигнува речиси 18 милијарди долари.
Богатството на Маск се проценува на околу 824 милијарди долари.
Конкурентската компанија „Антропик“, која неодамна излезе на берзата, минатиот месец најави дека пет проценти од своите акции ќе ги намени за нов фонд за општо добро.
Вредноста на оваа иницијатива, според актуелните пазарни цени, изнесува околу 54 милијарди долари, а треба да ѝ овозможи на компанијата да донира средства за доброто на човештвото во поголем обем.


