Националното студентско тело (НСТ) доставува итни барања до Министерството за образование и наука (МОН) за зголемување на субвенционираниот студентски оброк од сегашните 140 на околу 180 денари дневно (односно 4.500 денари месечно), давајќи им на надлежните рок од две недели за одговор, по што најавуваат протести.
Овие барања произлегуваат од онлајн анкетата во која учествувале околу 7.000 студенти. Резултатите покажуваат дека дури 97 проценти од анкетираните бараат итно зголемување на износот на 4.500 денари месечно, независно од најавите за промена на системот, додека 79,5 проценти го претпочитаат постојниот модел со платежни картички наместо понудениот нов ваучерски систем.
Претседателката на Националното студентско тело, Ангела Василевска, на денешната прес-конференција обвини дека институциите веќе три години го прекршуваат Законот за субвенциониран студентски оброк, кој предвидува износот редовно да се усогласува со стапката на инфлација по секоја фискална година.
„Три години не се почитува Законот за субвенциониран студентски оброк и бараме државата да почне да го почитува законот што самата го пропишала. Сега сум четврта година на студии и досега само еднаш е покачен студентскиот оброк, кога бев прва година. Студентите се гладни и три години оставени на цедило, студентскиот оброк мора веднаш да се покачи. На сите факултетски бифеа за 140 денари не може да се најде ни делумно од оброк“, изјави Василевска.
Таа оцени дека во јавноста намерно се става фокус на новото системско решение што Владата го планира за од почетокот на идната академска година – апликација со попусти и поволности кај избрани оператори – наместо да се исполни она што законски им следува на студентите веднаш.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски на собраниска седница најави нов систем за субвенциониран студентски оброк, кој предвидува зголемување на месечната вредност на 4.500 денари и воведување дигитална апликација („М-картичка“) со пакет-привилегии и попусти од 20 до 50 проценти кај избрани оператори. Целта на владиниот модел е овие поволности во трговијата, културата и транспортот да важат за студентите во текот на целата година, вклучително и за време на летниот распуст.
Коментирајќи ги реакциите и најавите за протести, премиерот порача дека решението е веќе на маса и предупреди дека темата не смее да се политизира.
Според Василевска пак, студентите веќе користат попусти во бројни угостителски локали, ресторани и пекарници, па најавените поволности не претставуваат никаква суштинска новина, додека пролонгирањето до октомври 2027 година го оцени како „одолговлекување и уште една година извисување на студентите“.
Од Националното студентско тело порачаа дека резултатите од анкетата и нивните барања уште денеска ќе бидат архивирани во МОН. Тие оставаат рок од седум дена институциите да ги разгледаат барањата и уште една недела за конкретен одговор.
Доколку надлежните не ги прифатат нивните услови, студентите најавија масовен протест.


