Василевска: На студентите им треба функционален систем, а не нови законски термини

Објавено:

Вистинскиот успех нема да го мериме според бројот на изменети членови, туку според тоа дали студентот плаќа пристапна цена, има топла вода и квалитетен оброк, живее во безбедна соба, навремено ја добива стипендијата и добива одговор кога ќе пријави проблем, вели претседателката на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, Ангела Василевска, со која разговаравме за предложените измени на Законот за студентски стандард што предизвикаа гласни реакции во јавноста. Во интервју за Колегиум.мк таа апелира студентските претставници задолжително да бидат вклучени уште во фазата на подготовка на измените, а не откако текстот ќе биде изработен. Од УСС бараат буџетот за студентски стандард да расте реално, односно најмалку да ја следи инфлацијата, а секое зголемување да се почувствува директно преку подобри услови и помали финансиски оптоварувања за студентите.

Василевска, кој е официјалниот став на Универзитетското студентско собрание (УСС) за предложените измени на Законот за студентски стандард?

Ставот на УСС–УКИМ е дека секоја измена што носи подобри услови во студентските домови, појасен систем на стипендии и поголема одговорност на сите корисници и институции претставува позитивен чекор. Особено ја поздравуваме реконструкцијата на студентските домови, бидејќи студентите со години заслужуваат достоинствени услови за живеење. Сепак, модернизацијата не смее да се претвори во дополнителен финансиски товар за студентите. Нашиот пристап е конструктивен: ги поддржуваме добрите решенија, но бараме законските одредби да бидат прецизни, правични и применливи. За нас, студентскиот стандард не е само административна категорија. Тој значи чиста и топла соба, функционална бања, квалитетен оброк, безбедност, пристапна цена и институции што навремено реагираат на проблемите.

Дали УСС беше консултирано при изработката на измените и дали вашите предлози беа прифатени?

Не можеме да кажеме дека процесот обезбеди доволно рана, формална и суштинска консултација со студентските претставници пред решенијата да бидат целосно подготвени. По објавувањето на измените, УСС–УКИМ направи анализа и јавно постави конкретни прашања за начинот на определување на партиципацијата, заштитата од дополнителни трошоци, сместувањето на студентите додека траат реконструкциите, минималните услови во сите домови и роковите за нивно обновување. 

Дел од нашите забелешки добија јавни појаснувања, но клучните гаранции сè уште не се доволно прецизно утврдени во законот. Затоа бараме студентските претставници задолжително да бидат вклучени уште во фазата на подготовка, а не само да бидат информирани, откако текстот веќе е изработен.

Кои измени за вас се неприфатливи?

Најголема загриженост предизвикува можноста различни прекршоци со сосема различна тежина да доведат до иста или слична санкција. Внесување алкохол без предизвикување инцидент не може автоматски да се изедначи со насилство, внесување наркотични средства, намерно уништување на инвентарот или загрозување на безбедноста на другите. Проблематична е и можноста студентот да добие забрана за сместување во сите државни домови од една до пет години, доколку не постојат јасни критериуми според кои се определува времетраењето на санкцијата. Исто така старосната граница од 30 години може да биде оправдано решение за спречување злоупотреби, но треба да постојат разумни исклучоци за подолги студиски програми, здравствени состојби, попреченост, родителско отсуство и други оправдани околности.

Каков е ставот на УСС за забраната за сместување во дом од 1 до 5 години поради внесување или употреба на алкохол?

Ред и почитување на куќниот ред мора да има. Студентскиот дом е заеднички простор и никој нема право со своето однесување да ја загрозува безбедноста, мирот или имотот на другите студенти. Сепак, санкцијата мора да биде пропорционална на прекршокот. Не е исто студент да поседува алкохол без да предизвика проблем и да организира настан со насилство, прекумерна бучава или загрозување на останатите. Затоа сметаме дека треба да постои систем на постепени санкции: опомена за полесен прекршок, построга мерка при повторување, а исклучување и повеќегодишна забрана само за сериозни или повторени прекршоци. Секој случај треба да се разгледува поединечно, студентот да има право да се изјасни и да добие образложена одлука со можност за жалба.

УСС не го оправдува неодговорното однесување. Ние бараме правични, јасни и еднакви правила за сите. Нашиот став е дека редот е неопходен, но казните мора да бидат пропорционални, а постапката транспарентна. 

studentski dom Kuzman - foto MON
Студентски дом Кузман Јосифовски – Питу (Фото МОН)

Дали е оправдано реконструираните студентски домови да имаат повисока партиципација?

Не е оправдано повисока партиципација да се воведе автоматски само затоа што домот е реконструиран. Подобрите услови можат да создадат различни тековни трошоци, но реконструкцијата е јавна инвестиција во студентскиот стандард и не треба практично да се отплаќа преку студентите. Особено не е правично студентот да плаќа значително повеќе само затоа што при распределбата добил место во реконструиран дом.

Измените предвидуваат државата да покрива до 40% од трошоците во реконструираните домови од Тип 1, а до 50% во постојните домови од Тип 2, додека конкретната партиципација ќе се утврдува со годишната програма. Затоа бараме цените да бидат транспарентно пресметани и усогласени со инфлацијата, економската состојба и реалните можности на студентите и нивните семејства. Треба да постои максимално ограничување, постепено воведување на евентуалните промени и дополнителна заштита за студентите од социјално ранливи категории. Подобриот дом не смее да стане привилегија достапна само за студентите што можат да платат повеќе.

Кои категории студенти треба да имаат приоритет при доделувањето стипендии?

Системот на стипендии мора истовремено да обезбеди социјална правичност, да го наградува успехот и да ги поддржува областите што се важни за развојот на државата. Прв приоритет треба да имаат студентите од семејства со ниски приходи, студентите без родителска грижа, студентите со попреченост и ретки болести, како и оние што имаат големи трошоци за сместување и превоз. Ниту еден способен студент не смее да го прекине образованието поради финансиски причини. Потоа треба да се поддржат студентите со особен академски успех. Стипендиите за студиски програми од стратешки интерес се оправдани само доколку критериумите се јасни, транспарентни и засновани врз реални податоци за потребите на општеството и пазарот на трудот.

Новата распределба предвидува 40% за социјални категории, студенти со попреченост и ретки болести, 35% за студиски програми од стратешки интерес и 25% за особен успех. Позитивно е што експлицитно се вклучуваат студентите со попреченост и ретки болести, но не смее да се дозволи намалена заштита на социјално ранливите студенти.  Доколку квотата во некоја категорија не се исполни, средствата треба да може да се пренесат во друга категорија, но дури откако ќе бидат поддржани сите студенти што ги исполнуваат условите во првичната категорија.

Василевска, кои се најголемите проблеми со кои денес се соочуваат студентите, а кои законот сè уште не ги решава?

На студентите не им се потребни само нови законски термини, туку функционален систем. Најголемите проблеми остануваат недостигот од достапно сместување, намалените капацитети за време на реконструкциите, хигиената и одржувањето во дел од домовите, греењето, топлата вода, квалитетот на храната, безбедноста, интернетот и бавната реакција на управите кога студентите пријавуваат проблем. Потребни се и навремена исплата на стипендиите, подобар студентски превоз, транспарентни листи за сместување, функционален систем за пријавување дефекти, поголема дигитализација, психолошка поддршка и можности за студентска работа приспособена на обврските на факултет.

Законот треба да утврдува и јасна одговорност на управите и институциите. Не може одговорност да се бара само од студентите, а да нема последици кога институциите не обезбедуваат греење, хигиена, храна или навремено решавање на проблемите.

goce-delcev-studentski-dom- foto MON
Студентски дом Гоце Делчев во Скопје (Фото МОН)

Дали измените навистина ќе го подобрат студентскиот стандард или станува збор само за административни промени без суштински ефект?

Измените имаат потенцијал да донесат подобрување, особено преку реконструкцијата и воведувањето појасни стандарди. Но законот сам по себе не е доволен. Без обезбедени средства, конкретни рокови, редовна контрола, студентско учество и јасна одговорност, постои ризик промените да останат претежно административни. Вистинскиот успех нема да го мериме според бројот на изменети членови, туку според тоа дали студентот плаќа пристапна цена, има топла вода и квалитетен оброк, живее во безбедна соба, навремено ја добива стипендијата и добива одговор кога ќе пријави проблем. УСС ќе ги поддржи сите промени што носат мерлив и реален резултат во секојдневниот живот на студентите.

Власта и опозицијата имаат спротивставени тврдења околу буџетот за студентскиот стандард. Едните тврдат дека се намалува, а другите категорично негираат. Дали УСС има сопствена анализа на буџетот и ќе има ли повеќе пари за студентите следната академска година?

УСС ја следи распределбата на средствата и прави сопствена анализа, но сметаме дека не треба да се влегува во партиски надмудрувања само преку споредување на вкупни номинални суми. Мора да се направи разлика меѓу средства за капитални инвестиции, како реконструкција на објекти, и средства што директно ги добиваат или ги чувствуваат студентите преку стипендии, субвенционирано сместување, исхрана и превоз. Поголем буџет за реконструкција не значи автоматски дека студентите ќе плаќаат помалку или ќе добиваат повисоки стипендии. Бројот и износот на стипендиите, како и висината на партиципацијата во студентските домови, не се определуваат директно со овие законски измени, туку преку годишниот буџет, програмите и конкурсите.

Поради тоа, во овој момент не би било одговорно да тврдиме дека следната академска година секој студент ќе добива поголема финансиска поддршка. Нашето барање е едноставно: буџетот за студентски стандард треба да расте реално, односно најмалку да ја следи инфлацијата, а секое зголемување да се почувствува директно преку подобри услови и помали финансиски оптоварувања за студентите.