Кос: Многу треба да се направи, ама еден е чекорот – уставните измени

Објавено:

Уставните измени се чекорот што треба да го направи земјава за да продолжи евроинтегративниот процес без дополнителни политички одлуки, порачала еврокомесарката за проширување, Марта Кос, по денешната средба во Брисел со вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали.

На средбата биле разгледани Планот за раст и евроинтегративниот процес на земјава, при што Кос упатила апел до Владата да ја исполни обврската во однос на уставните измени.

„Нема многу работи што треба да се направат. Има многу, но станува збор за еден чекор – уставните измени. Откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, ќе можеме да продолжиме без дополнителни политички одлуки. Затоа, ова е мојот апел до Владата: ве молам, направете го тоа, исполнете ја вашата обврска. Сигурна сум дека тогаш ќе можеме да продолжиме напред, во најдобар интерес на вашите граѓани“, изјави Кос.

Еврокомесарката оцени дека актуелниот момент е можност за напредок на Северна Македонија кон ЕУ, посочувајќи го напредокот на други земји од Западен Балкан.

„Живееме во историски момент во кој некои други земји од Западен Балкан напредуваат. Се надевам дека многу наскоро ќе го потпишеме пристапниот договор со Црна Гора. И Албанија напредува добро. Значи, ова е навистина вистинскиот момент и Северна Македонија да продолжи напред. Од политичарите во Северна Македонија зависи да ги исполнат очекувањата“, порача Кос.

Сали е во тридневна посета на Брисел, во рамки на која остварува средби со претставници на европските институции за прашања поврзани со евроинтеграциите и соработката со Европската Унија.