Полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Валандово, вчера лишиле од слобода 47-годишен жител на валандовско село, под сомнение за семејно насилство. Според пријавата, истиот ден околу 14 часот, во семејниот дом, тој физички ја нападнал својата 53-годишна сопруга. При преземањето на полициските мерки, кај мажот било измерено присуство од 2,32 промили алкохол во крвта.
Тој бил задржан во полициска станица, а за случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Гевгелија. Од полицијата информираат дека по целосното документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Истиот ден, соопшти МВР, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода 33-годишниот С.М. од Кавадарци, под сомнение за прекршување на забрана за приближување на неговата вонбрачна партнерка.
Полицијата постапила по претходна пријава дека тој не го почитувал судското решение со кое му било забрането да ѝ се приближува на својата 35-годишна вонбрачна партнерка, да ја малтретира, вознемирува или да контактира со неа. Според пријавеното, тој ѝ испратил порака преку социјална мрежа, со што ја прекршил изречената забрана.
При преземените мерки и извршените проверки било утврдено дека С.М. бил под дејство на алкохол, при што му биле измерени 2,14 промили алкохол во крвта. Тој бил задржан во полициска станица, а за случајот бил известен јавен обвинител. По целосното документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.


