Полициски дронови ќе снимаат за Денот на револуционерната борба

Објавено:

Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека денеска, 23 октомври, по повод одбележувањето на државниот празник Денот на македонската револуционерна борба, ќе се користат беспилотни летала (дронови) за снимање од воздух, како дел од активностите за чествување на празникот во Скопје.

Од МВР соопштуваат дека за потребите на реализацијата на свеченоста, паркинг-просторот на Музејот на современата уметност ќе биде обезбедуван во периодот од 10 до 23:30 часот, поради што апелираат до граѓаните навремено да ги отстранат своите возила од паркингот.

„Активностите ќе се реализираат во рамки на планираните мерки за одбележување на празникот, при што на одредени локации ќе биде забележливо зголемено присуство и движење на беспилотни летала“, се наведува во соопштението.

Од Министерството нагласуваат дека станува збор за однапред планирани активности поврзани со празничната свеченост и дека нема причина за вознемиреност поради присуството на дронови. МВР апелира до граѓаните за разбирање и почитување на насоките на полициските службеници, со цел активностите да се реализираат непречено и безбедно.

Денеска, 23 октомври, во Македонија се одбележува Денот на македонската револуционерна борба, кој е државен празник и неработен ден за сите граѓани.