Премиерот Христијан Мицкоски смета дека пред евентуалните уставни измени треба да се договори акцискиот план за малцинствата, кој би бил прифатлив за сите 27 земји-членки на Европската Унија. На прашањето дали има шанси за дијалог со Бугарија и евентуална помош од европските партнери во тој процес, Мицкоски по учеството на самитот на Берлинскиот процес во Будва, порача дека Владата нема да отстапи ниту од заштитата на македонските национални интереси ниту од стратешката цел за членство во ЕУ. Според него, акцискиот план за малцинствата треба да се усогласи со Бугарија пред да се отвори прашањето за следните чекори во процесот.
„Ние се бориме, нема да отстапиме од борбата за македонските национални интереси, но исто така нема да отстапиме ниту од нашата стратешка цел да бидеме дел од европското семејство, онаму каде што припаѓаме. И за таа цел, за да ги видиме вистинските намери и цели на сите важни во процесот, ние велиме: добро, предуслов за сѐ, дури и утре да се случи промена на Уставот, е ајде најпрвин да го договориме акцискиот план за малцинствата, во којшто 26 земји-членки јасно велат дека немаат проблем, а една земја-членка вели дека има проблем. Ајде ние со таа земја-членка да седнеме и да договориме, да видиме, да го направиме тој документ да биде прифатлив за сите 27 земји-членки, па потоа во втора фаза да зборуваме што е тоа што ние како Влада го очекуваме, а што е тоа што треба ние како Влада да го испорачаме. Бидејќи овој документ, акцискиот план за малцинствата, е документ којшто е предуслов за да продолжиме во процесот на преговори“, изјави Мицкоски.
Премиерот вели дека Македонија ги исполнува обврските од реформската агенда и очекува напредокот наскоро да биде вреднуван, со што би се отворила можноста за почеток на преговорите со Унијата.
Мицкоски очекува напредокот на земјава во спроведувањето на реформската агенда и усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на ЕУ наскоро да биде вреднуван, со што би се отворила можноста за почеток на преговорите.
Додаде дека постепената интеграција може да биде можност за земјите од Западен Балкан, но не смее да биде замена за полноправното членство во ЕУ.
„Очекувам сето ова за коешто зборувам да биде во многу скоро време валоризирано и да се даде шанса конечно да можеме да отпочнеме со процесот на преговори. Исто така, истакнав дека постепеното или градуално интегрирање претставува шанса и можност за сите нас, но тоа никако не смее да биде замена за полноправното членство во рамките на Европската Унија“, изјави Мицкоски.
Тој повторно ја критикуваше претходната влада на СДСМ и ДУИ за прифаќањето на условите поврзани со уставните измени, оценувајќи дека актуелната влада наследила тежок товар во евроинтеграциите.
Инаку Берлинскиот процес е меѓувладина иницијатива што ги обединува шесте земји од Западен Балкан, група членки на ЕУ, Велика Британија и Европската комисија. Беше започнат во 2014 година од тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, а првиот самит се одржа во Берлин на 28 август истата година.
Целта на Берлинскиот процес е зајакнување на регионалната соработка, економската интеграција и добрососедските односи, како и забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан. Фокусот е на создавање заеднички регионален пазар од околу 18 милиони луѓе.


