Во 2025 година во ЕУ биле запленети повеќе од 196 милиони парчиња фалсификувана стока, повеќе од кога било досега. Ова, според извештајот на Канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ (EUIPO) со седиште во Аликанте, Шпанија, е за 67 проценти повеќе од претходната година.
Проценетата вредност на стоката е исто така рекордни 6,3 милијарди евра. Во рекордната 2024 година, запленетата стока вредела 3,9 милијарди.
Повеќето од нив се ЦД-а и ДВД-а, компјутерски софтвер, играчки, етикети и налепници.
Високо на листата се цигарите и облеката. Најчестите земји на потекло на стоката се Кина (повеќе од 40 проценти) и Турција (18 проценти).
Запленувањата на толку голема количина стока може да се припишат на засилената борба против шверцерските групи и подеталните и успешни проверки од страна на надлежните институции.
Канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ истакнува дека оваа борба е отежната од сè поразличните транспортни правци и ограничените капацитети на агенциите за спроведување на законот. Дополнителен проблем е зголемувањето на трговијата преку Интернет, во која стоките се доставуваат преку поштата и бројни компании за достава.
Во извештајот се наведува дека се потребни нови мерки, поблиска соработка и модерни алатки и технологии за подобра заштита на интелектуалната сопственост и економската моќ на Европа.


